еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) ЕКСКЛУЗИВНО: Како изгледа и што ќе нуди комплексот Аурора Козјак инспириран од Аурора ресорт и спа во Берово

Инспириран од Аурора ресорт и спа во Берово, но адаптиран на поразлични услови и околности, на Козјак се гради комплексот Аурора Козјак во рамките на кој, најпрво со работа ќе започне ресторанот во првата половина на ноември.

Ресторанот наликува на објект што е карактеристичен за планинските туристички места на Алпите, со отворен поглед, изграден од природни материјали кои се претопуваат во планинскиот амбиент.

Сопствениците Аника и Влатко Костенчеви во разговор за „еМагазин“ велат дека ресторанот се градел година ипол, а големо внимание посветиле на тоа, како ќе изгледа објектот и од што ќе се гради.

„Сакавме што е можно повеќе да се користат локалните природни и еко материјали: камен, дрво, стакло, а архитектурата да не му конкурира на амбиентот и да изгледа како да е дел од него. Гледајќи го сега, изграден, сметаме дека успеавме во тоа. Проектот за ентериерот го изработи архитектонското студио Смарт Ливинг од Скопје,“ велат тие.

Комплексот се простира на 2.000 метри квадратни, ќе располага со десетина сместувачки капацитети со 10 луксузно опремени соби, со два ресторана, сала за состаноци, спа центар, детски игралишта како и мини зоолошка градина.

„Ќе бидат понудени и повеќе активнисти како пешачки тури, јавање на коњи и возење на АТВ мотори. Сепак, засега почнуваме со работа само со ресторанот,“ велат сопствениците.

Идејата за да се изгради нешто почнала да се создава набрзо после „првата средба“ со местото во 2000 година.

„Тоа беше љубов на прв поглед, љубов која се уште трае. Магија. Од тогаш постојано одиме таму, сме однеле стотици луѓе само за да им го покажеме, и секогаш кога ќе застанеме на карпите, со погледот кон езерото, чуствуваме огромна  возбуда и восхит.

Патувањето е нашата пасија, а и професија и благодарение на тоа, идејата постојано се надградуваше. Решавачки момент дека таму ќе го изградиме најубавиот ресторан на Балканот се случи кога им ја покажавме локацијата на родителите на Аника, сопственици на преубавиот Аурора Ресорт и Спа, во Берово.

Беа воодушевени од амбиентот, визурите и прекрасниот пејсаж и нивниот совет беше воопшто да не се двоумиме да го реализираме она што одамна беше наш сон. Ни понудија максимална и сестрана подршка, нешто што многу ни значеше имајќи го во предвид нивното искуство на тоа поле,“ вели Влатко.

Почетната инвестиција во местото изнесува еден милион евра, а ќе има и 15 вработени.

„Станува збор за почетна инвестиција од околу еден милион евра, но од искуство знаеме дека реинвестирањето може и да ја надмине почетната инвестиција за неколку години. Почетниот тим на Аурора Козјак ќе брои околу 15 лица, но се надеваме дека набрзо нашиот тим ќе стане многу поголем,“ додаваат тие.

Во однос на целната група на клиенти, тие велат дека комплексот Аурора Козјак ќе нуди услуги  прифатливи за поширок круг на луѓе.

„Најважно за нас е дека тоа ќе бидат оние кои ќе умеат да ја препознаат вредноста на нашата идеја, кои сакаат посилен интензитет на уживање, сакаат врвен квалитет и спремни се за тоа да платат.

Очекуваме и голем број на странски посетители, но сепак акцентот е на домашните туристи. Секаде во светот, но и овде кај нас во Македонија, дефинитивно има пазар за квалитетен туристички производ.

Гостите го обожуваат хотелот Аурора Ресорт. Постојано добиваме позитивни критики дека ние сме најдобриот хотел во Македонија, дека сме најдобро уредениот хотел во кој до сега престојувале, дека имаме највкусна храна и дека персоналот и услугата ни е на врвно светко ниво. Таквите критики секако се поттик за развој и дефинитивно голем дел од тоа знаење ќе биде пренесено во Аурора Козјак,“ додаваат сопствениците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Законот за амнестија е доставен до Собранието, ќе се носи по скратена постапка

Редакција

Шест лица со претходни заболувања, повеќе мажи, детали за новите случаи на заразени со коронавирусот

Редакција

Седма жртва од корона вирусот: Почина 79-годишен пациент од Дебар

Редакција