еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Мајка од Македонија го „освои“ Инстаграм: Фотографии од патувања со децата, низ цел свет

Весна Петрова е професорка во средното училиште „Ѓорги Димитров“, но она што е интересно за неа e што ужива да патува со нејзиното семејство, а фотографиите од нејзините деца, објавени на нејзиниот Инстаграм-профил (kidslovetravelling), има десетици илјади следбеници.

Таа во разговор за „еМагазин“ вели дека фотографирањето е нејзина пасија одсекогаш, па оттука идејата за нешто вакво ја имала уште од најмала возраст.

„Тогаш не постоеше интернет комуникација, ниту се навестуваше трага од социјалните медиуми, па тогаш истражував и фотографирав се, во надеж дека еден ден ќе објавам книга со фотографиите и авантурите низ целиот свет. Кога, социјалните медиуми се изборија за доминација во комуникацијата со луѓето, тогаш сосема природно ми се јави желба да ги споделам нашите доживувања и искуства со луѓето сличи на мене, вљубеници во патувањето.

Профилот го регистрирав кон крајот на 2017-та година. Мојот профил не е ништо друго, туку наш семеен албум, со нараторна нота, со цел да им даде идеи на луѓето кои се подготвуваат за патување или на луѓето кои едноставно сакаат да го истражуваат светот низ фотографии“, вели Петрова.

И додека секоја мајка претпочита мирен одмор со мали деца, мислејќи дека е невозможно да се шета со нив, Петрова воедно има и друга цел, односно да покаже патувањето со мали дечиња има
многу повеќе позитивни страни, за кои малку се зборува.

„Вообичаено луѓето одат по линија на најмал отпор и од страв да не доживеат некое неубаво искуство, се лишуваат и себеси и малечките од многу убавини. Мојот сопруг не обожува патувања (особено не далечни), па така целиот товар на организација е секогаш на мене. Кога јас, без поддршка од сопругот, со две мали дечиња, можев да тргнам пролетва на долго патување од неколку месеци низ Азија, ниеден изговор од типот на „тешко е да се патува со мали деца“ не е релевантен.

Сакам да им покажам на мајките дека патувањето со децата е секогаш квалитетно време поминато со нив, дека дома имаат многу обврски кои не секогаш им дозволуваат да им го пoсветат нивното стопроцентно внимание, додека на патувањата тие се постојано заедно, ослободени од секојдневните грижи и обврски. Патувањата секогаш ги организирам така што децата ќе уживаат во многу интересни активности, па не се знае кој повеќе се радува на ново патување, дали јас или тие“, вели Петрова.

Досега заедно со децата (претходното нејзино искуство не го брои ) истражиле ептен убаво 15 држави и на мисија се да ги посетат сите градови (не држави) во светот. Следбениците на Инстаграм ѝ се многу голема подршка. Верно ги следат сите нивни патешествија и се соживуваат со нив.

„Сум ги мотивирала многупати досега да посетат некое место и нема поголема среќа кога потоа се премногу благодарни за идеите, за советите, кога ќе ми испратат фотографии како нивните малечки уживале таму.

Добивам премногу пораки со прашања околу некоја дестинација, на дневна основа, но не се жалам, секогаш несебично го споделувам нашето искуство, впрочем и затоа постои профилот. Постојат многу опции за соработки и партнерства со многу реномирани светски компании, но за жал е многу макотрпен процесот од овде.

Нашите банки скоро секаде во светот мораат да работат со коресподентски банки, кои наплаќаат огромни провизии, но да се надеваме дека многу брзо ќе станеме дел од отворениот глобален финансиски пазар“, додава Петрова.

Освен светот, таа ја истражува и нашата држава и вели дека имаме премногу убави места, но смета дека скоро сите места им се поминати и постојано се обидува да најде некое ново место за истражување.

Ќе рече дека, патувањето е единственото нешто за кое плаќате, а кое на крај ве прави побогати
одколку што сте биле.

„Самите патувања всушност се нашите најдрагоцени лекции. На нив децата учат уште од најмала возраст дека светот е една целина во која сите сме еднакви, дека не постои дискриминација по ниеден основ. Моите деца на игралиштата низ светот се дружат еднакво со сите деца со најразлична боја на кожата без да постават ниту едно прашање.

Знаат за многу култури, религии, многу обичаи, начини на облекување, ништо за нив не претставува основа за некој да биде од некого различен. Ја имаат научено најзначајната лекција дека всушност различностите ја засилуваат потребата од сплотеност за да можеме сите да бидеме дел од единствен, за сите убав свет за живеење“, потенцира Петрова.

Бидејќи по професија е професор, се труди секоја слободна секунда да ја посвети на некое ново
истражување.

„Имајќи предвид дека мојата професија овозможува само колективно користење на одморот, принудена сум да земам неплатени родителски отсуства, кои според законот можат да се користат до навршување на три години старост на детето. Мојот син наскоро ќе полни три години, па можеби е време да се размислува за проширување на семејството,“ додава таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Разрешени двајца од тројцата директори на М-НАВ

Редакција

„Мислиш вест од Фчерашни е!!!“: Твитер реакции за Камчев, кој ги бодреше Вардарци во живо во Келн

Редакција

(Галерија) Домашниот путер од лешници изработен од Пеце е вистински хит, бидејќи е повкусен и од „Нутела“

Силвана Жежова