еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

(Галерија) Убава вест: Парк наместо депонија кај Железничката станица во Мичурин

Во новиот парк во Мичурин во Аеродром, се засадија 520 нови листопадни и зимзелни дрвја кои веќе напролет ќе развијат убави крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе го раззеленат овој јавен простор кој до неодамна беше дива депонија, соопшти Град Скопје.

„Оваа локација беше повеќедецениска дива депонија, од која годинава расчистивме 15.000 кубни метри отпад и подигнавме нова јавна површина на повеќе од 6.000 квадратни метри, која ја поделивме на прекрасен нов парк со детско игралиште и паркинг простор кој ќе го стопанисува ЈП Градски паркинг со што ќе се надмине проблемот со паркирањето на околните згради.

Сега овој простор го раззеленуваме со нови дрвореди од 520 висококвалитетни дрвја. Отворањето на нови квалитетни јавни простори и облагодарување на животната средина е мој императив и овде покажуваме како еден сериозно девастиран простор станува пристојно место за уживање на граѓаните“, изјави градоначалникот Петре Шилегов на прес конференција.

Тој истакна дека продолжува засилениот инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање на диви депонии на истите места каде што биле претходно и секое несовесно однесување со отпадот ќе биде санкционирано со цел да создадеме здрави навики и да живееме во чиста и здрава животна средина.

Во овој парк засадено е и највисокото дрво за оваа сезона кое е високо 7,4 метри, а за многу кратко време дрвјата кои се засадени во овој парк ќе формираат широки крошни. Наскоро паркот ќе добие и соодветно осветлување и нови рекреативни содржини.

Град Скопје информира дека согласно новите стандарди на квалитет продолжува со подигнување нови дрвореди составени од квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот.

Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини.

Фото: Фејсбук/Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нема да има превоз со ЈСП додека не се исплати септемвриската плата, закажана нова вонредна седница на Советот на Град Скопје

Редакција

Нови 414 случаи на Ковид-19 од 1.619 тестирања

Редакција

Маж од гостиварско предизвикал пожар на селските гробишта

Редакција