За учеството на грчките воени авиони Ф-16 за време на вчерашната прослава на годишнината од членството нашата земја во НАТО, како и за билатералните воени активности меѓу Северна Македонија и Грција, со соопштение излезе Генералштабот на грчката армија во кое меѓу другото, вели дека овие активностите ги зајакнуваат врските меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот велат дека со потпишувањето и спроведувањето на Програмата за воена соработка на Грција со Северна Македонија, со преземање на мисијата за надзор на воздушниот простор (Air Policing), но и спроведување на активности како што се обука за НАТО стандардизација, потпишување на Договор за размена на класифицирани информации и извршувањето на низа едукативни активности меѓу вооружените сили на двете земји, „придонесуваат максимално за непречено и брзо прилагодување на Република Северна Македонија со процедурите на Алијансата“.
-Дополнително, горенаведените активности ги зајакнуваат врските меѓу двете земји и придонесуваат за унапредување на улогата на Грција и нејзините вооружени сили како фактор на безбедност и стабилност на Балканот, соопштуваат од Генералштабот на грчката армија.
Во текот на вчерашниот ден, за време на прославата на годишнината од членството во НАТО, три грчки Ф-16 прелетаа над Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото-вест) Грчки авиони летаа над Скопје на годишнината од влезот во НАТО
МИА/Фото: Кабинет на претседателот