еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Германија ќе и испрати тенкови „Леопард“ на Украина, за Москва одлуката е „потврда дека Западот планирал војна против Русија“

Германската влада денеска официјално ја потврди испораката на 14 тенкови „Леопард“ во Украина и издавањето дозвола за испорака на тенкови на други земји, соопштено е во Берлин.

„Германија ќе испорача 14 тенкови ‘Леопард 2’ на Украина и во исто време ќе дозволи испорака на ‘Леопарди’ од други земји во Украина“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.

Тој рече дека оваа одлука ја соопштил канцеларот Олаф Шолц на седницата на Владата.

„Оваа одлука ја следи нашата линија на поддршка за Украина и ние продолжуваме да дејствуваме во тесна меѓународна соработка“, наведува Шолц во соопштението.

Германските политичари со големо мнозинство ја поздравија одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ во Украина, а критиките доаѓаат од екстремната левица и десница.

„Предолго ја чекавме одлуката, таа беше донесена макотрпно, но на крај таа е неизбежна“, рече претседателката на Комисијата за одбрана на Бундестагот, Мари-Агнес Штрак-Цимерман.

Таа додаде дека веста за испорака на тенкови од типот „Леопард“ е „спасувачка вест за храбриот народ на Украина“.

Потпретседателката на Бундестагот и лидер на владејачката партија Зелени, Катрин Геринг-Екард преку Твитер порача: „Леопардот е слободен“.

Од опозициските партии, само најголемата опозициска претставничка група во Бундестагот, Унијата ЦДУ/ЦСУ, ја поздрави одлуката за испорака на „Леопарди“ во Украина.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц истовремено го критикуваше доцнењето на оваа одлука на канцеларот Шолц.

„Бидејќи толку долго чекаше да се донесе одлуката, канцеларот Шолц остава впечаток на некој кој бил принуден на оваа одлука“, рече Мерц.

Членовите на опозициските партии Левица и Алтернатива за Германија (АфД) ја критикуваа одлуката за испорака како „опасна и неодговорна“.

„Германија се изложува на опасност директно да биде вовлечена во војната“, рече претседателот на пратеничката група на АфД, Тино Чрупала.

На опасноста од ваквата одлука укажа и претседателот на Левица, Дитмар Барч.

Москва: „потврда дека Западот планирал војна против Русија“

По денешната одлука на Германија да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина се огласи и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која одлуката ја оцени како „потврда дека Западот планирал војна против Русија“.

Да потсетиме, Русија на 24 февруари минатата година ја почна инвазијата врз Украина, претставувајќи ја како „специјална операција во источна Украина“.

Западните земји и досега и помагаа на Украина со оружје, но денешната одлука за испраќање тенкови „Леопард 2“ е нов чекор на Западот во обезбедувањето воена помош за нападнатата земја.

Шолц: Нема да испраќаме војници и авиони во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Бундестагот ја образложи владината одлука за испорака на тенкови „Леопард 2“ на Украина и истовремено ја отфрли можноста за испраќање војници и авиони во таа држава.

„Нема да испраќаме војници или авиони во Украина. Тоа, исто како и американскиот претседател Џо Бајден, го ставивме до знаење пред неколку месеци“, рече германскиот канцелар Шолц одговарајќи на прашања од пратеници.

Пред тоа, Шолц ја образложи претходно објавената владина одлука за испраќање тенкови „Леопард 2“ во Украина и го оправда доцнењето во врска со донесувањето на оваа одлука.

„Имаме војна во Европа и недалеку од Берлин. Затоа мојата цел од самиот почеток беше да го спречам ширењето на таа војна на членките на НАТО. И затоа е правилно овие системи на оружје никогаш да не се испорачуваат сами, туку во соработка со нашите партнери“, рече Шолц во Бундестагот.

Пред тоа, германската Влада ја објави одлуката за испраќање 14 тенкови „Леопард 2“ и за издавање дозвола за испорака на ова оружје во други земји.

Шолц им се обрати и на граѓаните на Германија кои се „загрижени поради оваа одлука“.

„Имајте доверба во моите и одлуките на германската Влада. Ќе се погрижам сите одлуки сепак да се носат во договор со меѓународните партнери“, рече Шолц, додавајќи дека ќе продолжи да и помага на Украина, но така што тоа нема да го зголеми ризикот за Германија.

Германскиот канцелар објасни дека сепак ќе биде важно да не се носат избрзани одлуки за да се спречи конфликтот меѓу Русија и НАТО, но додаде дека „нема математичка“ сигурност од каде започнува опасноста од ескалација.

Шолц реагираше на критиките, кои дојдоа и од редовите на партиите од владејачката коалиција, дека Германија предолго чекала со одлуката за испорака.

„Многу е важно да не носиме избрзани одлуки под притисок, туку целосно да соработуваме со партнерите од НАТО“, рече Шолц.

Тој нагласи дека Германија и понатаму ќе и помага на Украина колку што може.

„Германија секогаш ќе биде во првите редови кога е во прашање помошта за Украина. Досега испративме оклопни возила, противвоздушни системи, а сега и тенкови Леопард“, рече германскиот канцелар.

Руска амбасада: Германија ја игнорира својата „историска одговорност“, ескалирајќи го конфликтот со испраќање тенкови во Киев

Руската амбасада во Германија соопшти дека со одлуката да одобри испраќање тенкови „Леопард 2“ во Украина, Берлин ја занемарува својата „историска одговорност кон Русија, што произлегува од нацистичките злосторства за време на Втората светска војна“.

Од Амбасадата посочуваат дека одлуката ќе доведе до „ново ниво на ескалација на конфликтот“.

„Оваа исклучително опасна одлука ќе го доведе конфликтот на ново ниво на конфронтација и е во спротивност со изјавите на германските политичари дека Германија не сака да биде вовлечена во него“, рече амбасадорот Сергеј Нечаев.

МИА/Фото: Руско министерство за одбрана

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Љубчо Георгиевски нуди „излез“ од ќор-сокакот: Бугарија да направи список за бришење на навредливи содржини од македонските учебници

Редакција

Убава вест: Оздравени 42 пациенти кои боледувале од корона вирусот

Редакција

„Дона-М“ го доби тендерот на МВР за набавка на џемпери

Редакција