еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Годинешнава туристичка сезона е критична, ризична и неизвесна, оценува бизнис секторот

Критична, ризична и неизвесна ќе биде оваа туристичка година. Веќе ги изгубивме рускиот, украинскиот и полскиот пазар, намалени се групите на нашите традиционални посетители од Белгија и Холандија, а откажани се и голем број аранжмани или можеби ќе се реализираат, но без гаранција, оценува бизнис секторот од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.

Од Здружението на денешниот брифинг со новинарите истакнаа дека ситуацијата е катастрофална, не само поради актуелната пандемија и руско-украинскиот конфликт, туку и поради „несредените“ работи дома.

Загрижени се, како што рекоа, дека ако итно не се преземе ништо, ќе ја пропуштиме не само оваа, туку и 2023 година.

-Убедливо сме најлоши во регионот, се остварија нашите предупредувања за падот од 60 проценти во 2021 година во однос на 2019-та, пред пандемијата. Неопходно е државата да создадае услови за туризмот, а институциите да си ја вршат работата.

Треба да профункционира и Советот за туризам кој „не работи“ веќе 15 месеци и конечно да се стави во функција комитетот за туризам, кој е формиран со официјална владина одлука уште во ноември 2020 година, реагира Здружението и додава дека македонскиот туризам буквално не мрднал од позицијата во 2020 година.

Според бизнис секторот, третманот на туризмот е сведен на „прошетки“ и „убавини“.

-Секторот не е препознаен како економски систем. Пристапот ни е катастрофален. Активностите засега се несериозни и вид параван или симулација на она што фактички се случува. За каков маркетинг зборуваме ако се уште не го знаеме профилот на домашниот и на странскиот турист.

Немаме таргет, а правиме промоции. Врз база на што? И кога се зборува за остварени приходи, тоа треба да е по шифра на дејност, зашто се друго е манипулација. Хаос е и во евиденцијата. На пример, регистрирани се 90 национални ресторани, а во „Златна книга“ има 1.400, потенцираат од Здружението кое пред речиси една година испратило вкупно 65 предлози до Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), но до сега се уште нема добиено никаков одговор.

Од Здружението предочија дека во 2019 година приходите од труизмот биле околу 480 милиони евра, а според АППТ сега имаме три отсто помалку приход со 60 отсто помалку странски туристи и со пет отсто помалку домашни туристи.

-Ова е нонсенс. Бесмислица се и тврдењата на Агенцијата дека украинските туристи ќе ги замениме со турски, како и дека ќе имаме еден милион бугарски туристи.

Инаку, според податоците од Министерството за економија и од Владата, имаме 50 хотели помалку категоризирани во 2020-та и 2021-ва во однос на 2018-та и 2019 година и 47 туристички агенции со А лиценца помалку, односно од вкупно 180 хотели, сега имаме 130, а од 177 агенции имаме околу 140 со А лиценца, рекоа од Здружението.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пендаровски го потпиша указот за прогласување на Законот за попис

Редакција

Доктор Пановски: Вакцината е доброволна, никој нема право да Ве присилува да ја примите

Редакција

Седиштето на бугарскиот клуб во Охрид веднаш до куќата каде Колишевски е осуден на смрт

Редакција