Откако денеска беше објавено дека УЈП ќе има увид во банкарските сметки на граѓаните, тоа предизвика незадоволство кај граѓаните и негодување за користење на податоците од нивните лични сметки.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска смета дека се појавиле шпекулации во делот на заштитата на податоци.
Таа на својот Фејсбук-профил појасни дека она на што се работи една година наназад е оваа размена на податоци да се автоматизира, наместо податоците да се доставуваат во хартиена форма, што е долга, спора постапка за сите страни.
„Автоматизираната електронска размена на податоци со банките ќе овозможи подобрување на ефикасноста на УЈП, подобри услуги за граѓаните и истовремено подобро администрирање на персоналниот данок на доход.
Побрзо ќе се издаваат уверенија, решенија и други документи во надлежност на УЈП. Врз основа на едногодишните консултации со сите релевантни институции, на одржани низа состаноци низа состаноци меѓу Управата за јавни приходи, Министерството за финансии, здружението/асоцијација на банките и претставници од банките, Народната банка и Дирекцијата за заштита на личните податоци, заеднички се утврди рамката за протокот на овие податоци, нивната содржина, динамика за достава и сл., како и стандардите за сигурност и заштита на личните податоци на граѓаните.
Личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени.
Користењето на податоците низ една ваква законска и сигурна процедура е императив за да може Управата за јавни приходи да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат.
Издавањето на пополнетите годишни даночни пријави е дел од реформата за поедноставување на постапките за плаќање на персоналниот данок на доход, која Управата за јавни приходи ја спроведе со користење на средства од ЕУ, ИПА-фондовите.
Ова е уште едно олеснување, уште една услуга за граѓаните.Размената или користењето податоци кои се потребни за даночни цели, е вообичаена пракса во многу администрации во Европа, како на пример Данска, Естонија, Шпанија, Грција и др. Ова е случај и во Македонија. Согласно веќе важечката регулатува секоја инститиција која располага со вакви податоци има законска обврска и е должна да ги достави по барање на Управата за јавни приходи.
Користењето на податоци добиени од банките во Управата за јавни приходи не е новина, затоа што и до сега истите се користат редовно во даночната постапка.
И постојниот Закон за Управата за јавни приходи и Законот за банки кои во моментов се на сила,регулираат дека овие податоци не се банкарска тајна кога се користат од страна на УЈП во даночна постапка и за даночни цели“, појасни Лукаревска.
фото: Фејсбук-профил на Сања Лукаревска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ