Студентите и професорите од насоката Индустриски дизајн при Машинскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одржаа дигитална промоција и изложба на Монографија во која се содржани одбрани дела на студентите од неколку претходни академски години.
Промоцијата и изложбата се одржаа на платформата Microsoft Teams, а свечено ја отвори деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Дарко Данев.
Тој истакна дека овој настан во овие тешки времиња е светла точка и покажува дека кој сака да се вложи, може и да блесне, а студентите и професорите го направија токму тоа внесоа светлина со промоцијата на четвртата Монографија.
Проф.д-р Татјана Кандикјан, под чија палка се реализира изработката, организацијата и презентацијата на оваа Монографија насловена Имафинација >> Дизајн << Технологија, потенцира дека на тој начин се дава увид на студиите и студентите од насоката индустриски дизајн на Машинскиот факултет, нивниот напредок и се дава пример за создавање уште подобри креативни проекти во наредните генерации.
„Најзаслужни за овие проекти се студентите кои се непресушен извор на идеи, професорите кои ги насочуваат и им даваат поддршка и фирмите кои помагаат во нивната реализација. Се надевам дека оваа изложба ќе им биде портфолио на нашите студенти за нивните идни успеси, вработувања, нивниот професионален развој’, истакна проф.д-р Татјана Кандикјан.
Професорите се надеваат дека иновативните проекти на студентите од насоката Индустриски дизајн ќе бидат предизвик за компаниите.
Проф. д-р Софија Сидоренко, порача дека е горда на големата енергија и ентузијазам кои ги вложуваат студентите, а предизвиците им стануваат секојдневие.
На настанот, од страна на студенти беа презентирани најновите иновативни дизајни на светилки, мебел, техника, играчки, декоративни предмети и низа други производи изработени од вештите раце на младите дизајнери. Во процесот на дизајнирање применети се дизајнерски методи за анализа и прибирање на податоци, а сето тоа е преточено во уникатни производи со користење на современи алатки и техники.
Линк кој води до страната каде е поставена дигиталната Монографија ОВДЕ.
Насоката Индустриски дизајн е основана во учебната 2003/2004 година на Машинскиот факултет во Скопје. Од тогаш студентите се активни учесници на многу настани од областа на дизајнот, како во државата, така и надвор од неа. Некои од нив се: Саем на мебел, Скопје Креатива, Недела на дизајнот во Скопје, Миксер – фестивал на креативни уметности во Белград, Недела на дизајн во Пловдив, D Day – недела на дизајн во Загреб, Недела на дизајнот во Милано.
За успешноста на студентите дополнително сведочат и бројните награди на национални и меѓунардни натпревари, меѓу кои: Макинова, Еконова, Интернационален натпревар во SolidWorks и други.
Повеќе информации за работата на насоката и студентите може да се најдат на официјалната страна на насоката Индустриски дизајн, design.mf.edu.mk.
ПРОМОТИВНА ОБЈАВА