Природните катастрофи, како што се земјотресите се појави кои што не може да се предвидат, но она што можеме да го предвидиме и да влијаеме е сигурноста и квалитетот на градбите, беше истакнато на денешната прес конференција на Градежната комора на Македонија во соработка со Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Сојузот на Стопански комори.
„Она што треба да внимаваат граѓаните е вклученоста на сите учесници во процесот на градење почнувајќи во делот на проектирање, надзор, изведувач и инвестирање во градежни материјали од страна на инвеститорот. Исто така, граѓаните кои планираат инвестиција потребно е да соработуваат со компаниите кои се лиценцирани, а не да купуваат од сомнителни правни лица.
Апелираме дека не смее да се отстапува од квалитетно домување, со главен акцент на сигурноста, енергетската ефикасност, како и квалитетот на градежните материјали и вградената опрема. Би сакале да потенцираме дека во нашава земја, квалитетот на градбите се на високо ниво, направени согласно сите норми и стандарди за армирано бетонски конструкции“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора.
Тој додаде дека улогата на градежниот сектор е да гради согласно најновите технологии во Европа и светот, со воспоставени норми и стандарди како за нови градби, така и за градби кои се со дотраен квалитет каде што е потребна нивна обнова и санација.
Проф. д-р Влатко Шешов, директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија истакна дека земјотреси имало и ќе има, но целта е да се работи согласно стандардни прописи, за објектите да ги преживеат земјотресите.