еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Инфлацијата забавува, но се уште е над историскиот просек, оценува Народна банка

Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари, информираа од Народната банка.

„Домашната инфлација и натаму забавува но посилно, сведувајќи се на 6,6% на годишно ниво во септември 2023 година.

Забавувањето на годишната стапка на инфлација е резултат на забавениот раст на цените кај сите три компоненти, со најголем придонес од прехранбената компонента.

Сепак, вкупната инфлација забавува малку послабо од очекувањата според последните проекции, а нејзиното ниво сѐ уште е над историскиот просек. Од друга страна, базичната стапка на инфлација забавува во целост во согласност со очекувањата, укажувајќи на намалување на ценовните притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со преземените монетарни мерки,“ велат од Народна банка.

Најновите очекувања за увозните цени, односно светските цени на примарните производи, се ревидирани главно во надолна насока, при што и натаму преовладуваат очекувања за пад на цените во наредниот период.

Ризиците од надворешното окружување во однос на идното движење на цените и натаму се неповолни и неизвесни, пред сѐ поради непредвидливиот карактер на војната во Украина и најново, на Блискиот Исток, како нов фактор на ризик.

„Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на септември е во согласност co меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината.

Ова е одраз на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките,“ велат од Народна банка.

Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот јули ‒ август 2023 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, а податоците за менувачкото работење заклучно со септември 2023 година се во согласност со очекуваните нето-приливи од приватните трансфери за третиот квартал.

“Гледано од аспект на домашната економска активност, реалниот раст на БДП во вториот квартал од 2023 година забави сведувајќи се на 1,1% на годишна основа (по растот од 2,1% во претходниот квартал), при што се доближува до растот проектиран за овој квартал според априлскиот циклус проекции.

Високофреквентните податоци за економската активност за третото тримесечје од 2023 година со кои се располага во моментов засега упатуваат на послаб економски раст во овој квартал, во однос на априлските очекувања.

Исто така, најновите очекувања упатуваат на надолна ревизија на растот на странската побарувачка до крајот на 2024 година, со изгледи и за побавно закрепнување на домашната економија во следниот период“, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починале 8 лица, само едно без коморбидитети

Редакција

НЛБ Банка со зголемена добивка во првите три месеци

Редакција

Низ дијалог и со намалување на тензиите да се надминат отворените прашања меѓу Скопје и Софија, порача од Скопје чешкиот министер за надворешни Липавски

Редакција