еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Интернет порталите преку здружението Онлајнмедиа предлагаат конкретни решенија за законска регулација на онлајн медиумите

Интернет порталите преку здружението Онлајнмедиа предлагаат конкретни решенија за законска регулација на онлајн медиумите.

Го пренесуваме во целост соопштението на здружението Онлајнмедиа:

“Постои општо уверување дека онлајн медиумите и платформите на социјалните мрежи во Македонија се главниот извор на дезинформации, на говор на омраза и на прекршување на професионалните стандарди во новинарството. Оваа „дијагноза“ може да се прочита и во извештаите на Европската комисија.

Дополнително, постојано се публикуваат алармантни апели да се „заведе ред“ во онлајн-медиумите, да се донесе „закон за порталите“, или тие, едноставно, да се укинат.

Причината за големата врева произлегува од фактот што кај нас сè уште тешко се признава, иако веќе и емпириски се потврдува – последното истражување на Евростат за 2021 година покажа дека повеќе од 70 отсто од граѓаните на Македонија се информираат на интернет. А тоа значи дека медиумите што публикуваат содржини на интернет, всушност, се доминантен сегмент на медиумската индустрија. Така е во целиот свет, така е и кај нас.

Големата врева, за жал, предизвикува и голема стигма. Македонските интернет портали се обвинети за сите „зла“ во македонското новинарство, без при тоа да се препознае и да се признае фактот дека најмалку педесеттина информативни интернет-портали секојдневно објавуваат огромен број вести, фотографии и разни други аудиовизуелни прилози, со што ја информираат јавноста за сите поважни настани и појави од сите области на општествениот живот, во земјата и во светот.

Публиката ги очекува и ги добива тие вести во т.н. реално време (брзо откако ќе се случат настаните, често и додека тие се во тек), претежно на победничката справа за читање, гледање и за слушање информативни содржини – смартфонот.

Дополнително, една голема група портали специјализирани за одделни области и теми, објавуваат интересни прилози, збогатувајќи ја така вкупната понуда на информативни содржини на интернет.

Од поодамна, а поинтензивно во последната година, група од триесеттина влијателни интернет портали покренаа иницијативи за законско регулирање на овој сегмент од медиумската индустрија и за унапредување на саморегулацијата.

Неодамна е оформено и Здружението за заштита и унапредување на интернет медиуми Онлајнмедиа, со амбиција да ги засили и да ги предводи тие иницијативи.

За почеток, Здружението бара итни промени во три закони: во Законот за медиуми, во Законот за авторски и сродни права и во Изборниот законик.

Во разговор со министерот за информатичко општество и администрација и со претставници на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица, уште пред неколку месеци ја нагласивме потребата во Законот за медиумите, во дефиницијата на медиумите – каде што интернет порталите воопшто не се спомнуваат! – да се додадат и медиумите кои публикуваат содржини преку интернет.

Така и за порталите и формално ќе почнат да важат сите законски обврски што важат и за сите други медиуми. При тоа, треба да се има предвид фактот дека голем дел од интернет порталите и „неозаконети“ ги почитуваат професионалните стандарди што ги предвидуваат и Законот за медиуми и респективните кодекси и документи на новинарските здруженија.

Покрај тоа, претставници на здружението Онлајнмедиа изразија и согласност Законот за медиуми да пропише и постапка на регистрација на интернет порталите од страна на овластен државен орган, изразувајќи целосна доверба владиниот ресор да подготви и да предложи законски измени за тоа.

Здружението бара и многу важна промена во Законот за авторски и сродни права, согласно со Директивата на ЕУ 2019/790, која го уредува прашањето на авторските права на интернет. Имено, во опсежната дефиниција и во темелното набројување на делата коишто се сметаат за авторски и подлежат на заштита на авторските права, во нашиот закон не се спомнуваат медиумски содржини.

Од тие причини, преземајќи го целосното решение од Законот за авторски и сродни права на Република Хрватска од 2021 година (во кој е имплементирана наведената директива на ЕУ), предлагаме во дефиницијата за авторско дело во нашиот закон да се воведе и „новинарско дело“.

Како и повеќето други закони за авторски и сродни права, така и нашиот предвидува составните делови на авторското дело да подлежат на законска заштита. Во својот предлог за иновирање на Законот за авторски и сродни права, здружението Онлајнмедиа предлага прецизирање и на таа одредба од законот, кога станува збор за новинарско авторско дело, при што под авторска заштита, освен целината на делото, ќе подлежат и насловот, насловната фотографија и лидот односно главата на веста (првата реченица односно првиот параграф на текстот).

Сите овие предлози, како и некои други кои се однесуваат на Законот за авторски и сродни права, се темелно образложени во студија што ја подготви Здружението, во која се анализирани релевантни искуства од светот. Таа студија му е предадена на ресорниот министер.

Односите помеѓу интернет медиумите и државата и интернет медиумите, како и меѓу онлјан медиумите и глобалните и локалните агрегатори на вести, се теми кои се актуелни секаде во светот. Има различни искуства и добри законски решенија и практики кои можат да се имплементираат и кај нас.

И кога веќе доцниме со „внесувањето“ на интернет порталите во Законот за медиумите, зошто барем во нужните промени на Законот за авторски и сродни права (од аспект на медиумите) не би биле во чекор со земјите членки на ЕУ?

Конечно, здружението за заштита и унапредување на интернет медиуми Онлајнмедиа укажа и на една многу сериозна слабост во Изборниот законик, која треба да се отстрани, во пресрет на двата нови изборни циклуса, во 2024 и во 2025 година.

За што станува збор?

Препознавајќи дека во денешно време изборните кампањи се незамисливи без рекламирање на интернет, Изборниот законик вовел дефиниција „електронски медиуми (интернет портали)“, како трет сегмент во медиумската индустрија, покрај „радиодифузерите“ и „печатените медиуми“.

Но, во членот 76-д, кој зборува за средствата за платено политичко рекламирање што ги добиваат партиите од Буџетот, во точката 7 се вели: „Вкупната сума која еден учесник може да ја потроши за медиумско претставување на сите електронски медиуми (интернет портали) и печатени медиуми, не може да опфаќа повеќе од. 25% од распределените средства за платено политичко рекламирање согласно став (5) од овој член“.

На средбите со претставници на политичките партии и со претседателот на Државната изборна комисија, претставници на здружението за заштита и унапредување на интернет медиуми Онлајнмедиа посочија дека оваа одредба мора да се укине како неодржлива во секоја смисла.

Дополнително, предложивме услови што мора да ги исполнат онлајн медиумите за да се квалификуваат за учество во платеното политичко рекламирање. Накусо, тоа се условите што професионалните онлајн медиуми си ги наметнаа самите на себе си како саморегулативни стандарди.

Ова се само дел од прашањата што ги покренаа претставници на здружението Онлајнмедиа во досегашните разговори со повеќе субјекти од јавниот сектор, но и со претставници на стопанските комори, на бизнис заедницата и на други сектори со кои соработуваат интернет порталите.

Деновиве се води и дебата за начините на кои државата им помага на медиумите и како тоа законски се регулира, за таа пракса да продолжи и во иднина. Здружението со внимание ја следи таа дебата, но потсетува дека освен во еден кус интервал од три месеци за време на пандемијата од коронавирусот, интернет порталите досега на ниту еден начин не биле финансиски поддржани или субвенционирани од страна на државата.

Начелниот став на здружението за заштита и унапредување на интернет медиуми Онлајнмедиа за ова прашање е следниот: доколку постои големо ниво на согласност во политичката и во општествената заедница дека е нужно државата финансиски да ги поддржи медиумите со пари од даночните обврзници, најважно е таа поддршка да биде неселективна, недискриминирачка, системска и пред сè насочена кон медиумските работници, а не кон сопствениците на медиумите.

Во овој момент, сепак, професионалните онлајн медиуми ставаат акцент на прашањата на законската регулација и на подобрување на општествениот статус на овој сегмент од медиумската индустрија. За таа цел, Здружението бара сојузници, пред сè во новинарската заедница, но и пошироко.

Се обидуваме да ја подигнеме свесноста за тоа дека темите што ги покренуваме имаат големо значење и заслужуваат активен и креативен ангажман на сите субјекти во општествено-политичкиот живот“.

еМагазин.мк е членка на здружението Онлајнмедиа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трамп предлага инјектирање дезинфекциски средства како лек за коронавирусот, лекарите шокирани

Редакција

Намалување за 35,3%: Минатата недела 44 смртни случаи од Ковид-19

Редакција

Обвинетиот Тони Трајковски оздраве: Судењето за „ТНТ“ продолжи со изведување докази

Редакција