еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

ИНТЕРВЈУ Ивановска, претседателка на Антикорупциска: Се додека се тргува со пари и за привилегии, вредностите се изгубени

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска во интервју за еМагазин зборува за имплементацијата на Националната стратегија за борба против корупција, работата на ДКСК во текот на минатата година…

Деновиве го презентиравте извештајот за вашето работење за измината година. Констатиравте дека состојбата со корупцијата е сериозна. На што се должи таквиот заклучок и покрај декларативните заложби на властите и институциите за борба против корпцијата?

-Во Годишниот извештај за 2020 година укажавме дека состојбата со корупцијата е многу сериозна, бидејќи од работењето по предмети и пријави во 2020 година констатиравме дека и понатаму постојат високи ризици од корупција кои претходно веќе ги нотиравме во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а на кои ни укажуваат и извештаите од меѓународните институции.

Станува збор за следните ризици од корупција: изразено политичко влијание, владеење/не владеење на правото и отсуството на казнивост, отсуство на личен и институционален интегритет, недоволната транспарентност, недоследности и недоречености во законската регулатива.

Со анализа на пријавите, се потврди фактот дека правосудните органи, извршната власт, институциите кои одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините, се перцепирани со најголем ризик од корупција, злоупотреба на службена должност и можност за судир на интерес. Истите овие сектори се дефинирани и во Националната стратегија за борба против корупцијата.

Понатаму, се потврди фактот дека најмногу се пријавува за злоупотреба на службена должност при вработувањата, издавањето на разни дозволи (концесии), решенија (за градење), постоење на судир на интереси, при донесување на судски одлуки, итн..

Констатирани се злоупотреби на дискреционите права на раководните лица во процесот на вработување, понатаму злоупотреби при избор и разрешување на директори на јавни претпријатија и акционерски друштва, при повеќекратно именување и злоупотреба на функцијата вршител должност – директор, злоупотреби на овластувања од страна на лица и институции во делот на урбанизмот и градежништвото и сл.

Неодамна Собранието ја донесе Националната стратегија за борба против корупцијата. Што се е потребно за нејзино вистинско имплементирање?

-Собранието ја усвои Националната стратегија за борба против корупција заедно со Акцискиот план за реализација на истата, во кој се наведени сите активности кои надлежните институции треба да ги исполнат.

Во изработувањето на стратегијата учествуваа близу 100 претставници од институции, НВО, медиуми и меѓународни поддржувачи кои вложија многу енергија за објективно дефинирање на ризиците од корупција и секторите каде што овие ризици најмногу се присутни.

Во Стратегијата содржани се и начините за надминување на состојбите како и временските рамки потребни за спроведување на активностите.

Инклузивниот пристап за подготовка на стратегијата беше одлична можност сите засегнати страни да ги предочат проблемите со кои секојдневно се сретнуваат, но и да предложат решенија за кои сметаат дека се најдобри и најсоодветни.

Токму фактот дека решенијата не се наметнати, туку предложени од самите учесници ми дава голема надеж дека ќе има силна енергија и за имплементација на Стратегијата.

Постапувате и постапувавте по многу предмети, но нивната разрешница, надвор од вашиот домен, е на многу ниско ниво. Дали другите институции не се доволно агилни да постапуваат по вашите насоки?

-ДКСК делува превентивно и претставува само една алка на системот. За жал податоците говорат дека само 30% од нашите препораки се прифатени, а останатите или се отфрлени или се неодговорени.

За успешно функционирање на целиот систем и зголемување на крајниот ефект потребно е почитување и прифаќање на препораките и иницијативите за покренување одговорност упатени од страна на ДКСК до повеќе институции, како и заложба на сите чинители за спротивставување на незаконските дејствија на поединци и институции, но и на оние законски решенија кои предизвикуваат разорувачки ефекти за општеството.

Всушност една од главните препораки кои Европската комисија ги нотираше во извештајот за напредокот на земјата е да се почитуваат препораките на ДКСК.

Што навистина треба да се направи за да има вистински напредок во борбата против корупцијата?

-Вистинска борба против корупција се води без компромис, без калкулации и лични интереси.

Од стратешки аспект донесена е Национална стратегија за борба против корупција, за прв пат од страна на Собранието на РСМ. Во Стратегијата содржани се највисоките ризици од корупција, најризичните сектори како и најризичните области (вработување и јавни набавки) кои се присутни во сите сектори.

Останува институциите сериозно да пристапат во насока на зајакнување на контролниот механизам преку подобрување на законските решенија, но и преку зајакнување на институционалниот и личниот интегритет.

Состојбата може да се надмине единствено со висока свест интегритет и професионализам во сите сфери на општествениот живот.

Особено е важен личниот интегритет кој што подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работните обврски, со што личноста го чува својот углед и угледот на институцијата во која работи и придонесува.

Ова дотолку повеќе што се уште имаме жална и недостоинствена слика на тргување со споменатите вредности за најобична човечка егзистенција. За жал се додека се тргува со пари, за привилегии и за очекувања настанува дерогирање на системот на вредности….т.е., вредностите се изгубени.

Оргомна е разликата од човек што има свои вредности и човек што има своја цена.

За да ја добиеме оваа борба секој во општеството треба пред се да извојува лична борба со сам себе. Борба што ќе му овозможи на поединецот да се потпре на себе на своите лични можности и квалитети, на своето човеково право, да живее без очекувања, без туѓи заслуги, без привилегии.

Уверена сум дека секој може да го даде најдоброто од себе без да помисли на непристојна понуда. Разбудената свест кај поединецот може да ја разбуди свеста кај нацијата.

Дали имате добра соработка со сите надлежни институции во вашиот делокруг на работа и дали има некои кои не се баш расположени за соработка.

-Да, имаме добра соработка со институциите, со мали исклучоци од неколку институции кои ни со ургенција не ни доставуваат документи, но сепак сметам дека со поголема дигитализација работата ќе биде поефикасна, а ефектот поголем.

Дали ДКСК конечно има добри услови за работа. Дали има некои работи кои ви се потребни, а се уште ги немате?

-Комисијата се соочи со несоодветни услови за работа уште од првиот ден по изборот на членовите. Изгубивме многу време, многу енергија за конечно во третата година од мандатот да ги подобриме просторните услови.

Во тек се огласи за нови вработувања, останува уште да се реализира набавката на софтверско решение со кое треба да се овозможи исполнување на законските обврски за системски пристап за поднесување на изјавите за имотна состојба и интереси, електронско поврзување со повеќе институции за размена на податоци заради проверка на имотната состојба и интересите, понатаму за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборни кампањи, воспоставување на повеќе регистри и сл. и треба да придонесе за зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на Комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 171 лица кои боледувале од Ковид-19

Редакција

Голем раст: 219 нови случаи на Ковид-19 од 4.713 тестирања, во Скопје и Тетово по 65

Редакција

„Димакс рудници“ го доби тендерот на ЈП за одржување и заштита на магистралните патишта за набавка на индустриска сол вреден 2,8 милиони евра

Редакција