еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Меџитлија останува затворена: Истите правила за влез во Грција продолжени за уште една недела

Правилата за патување во Грција остануваат непроменети и продолжени за уште една седмица, согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што е веќе објавена во Службен весник, стапи во сила утрово, а меѓу другото важи и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Па така, задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот.

Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Градоначалникот на грчката општина Преспа најави отворање на граничниот премин Ники (Меџитлија)

За туристите, важат истите правила и рестрикции што важат и за Грците, како што е полицискиот час од 1.30 часот, што ќе се укине од понеделник 28 јуни, а маската е задолжителна само во затворени простории и на отворено доколку има гужва.

Согласно министерската одлука, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување во Грција.

Поконкретно, првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората можност е со негативен тест. Или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Алтернативно, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест или позитивен резултат од направен ПЦР или антигенски (брз) тест со валидност од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот и издаден 30 дена од првиот позитивен резултат.

Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Со оглед на тоа што Грција, веќе го воведе дигиталниот Ковид сертификат, додадена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.

Конкретните обврски важат за лица со наполнети 12 години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.

Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена, а на последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР тест.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

Од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, исклучок освен за Северна Македонија има и за Австралија, Албанија, Босна и Херцеговина, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Јапонија, Израел, Канада, Белорусија, Либан, Црна Гора, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.

Првата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, беше објавена на 14 мај годинава, кога по пауза од 14 месеци се отвори граничниот премин Евзони (Богородица) и беше дозволен влез во Грција за македонски државјани, а оттогаш се продолжува секоја седмица.

Од минатата седмица, како што објави МИА, беа воведени две промени: можноста за влез во Грција и со негативен антигенски рапид (брз) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест.

Министерската одлука со важност до 3 јули 2021 година во 6 часот наутро веќе е објавена во Службен весник на Грција.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќе има казни за оние кои ќе допатуваат од странство, а нема да се самоизолираат

Редакција

(Галерија) Домашните дизајнери со светски креации на Скопски моден фестивал

Редакција

Дали и колку Охрид е навистина скап за туристите, а и за нас

Редакција