еМагазин
Image default
Бизнис

Истражување: Членови на управните и надзорните одбори на државните претпријатија, „дувла“ на партиски кадри

Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан, итн.

Ова го покажува истражувањето на 30 најголеми претпријатија во земјата „Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија“ од страна на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) .

„Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат.

Тие, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.

Од обемното истражување во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори“, се вели во дел од истражувањето.

Оттука, имајќи ја предвид целосната нетранспарентност на процесот, „оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.“

„Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење.

Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија“, се додава во истражувањето на ЦГК.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Монетарната политика на Народната банка помогна за постепено намалување на инфлацијата, оценува ММФ

Редакција

Промени во Одборот на директори на „Гранит“

Редакција

Сите детали: Се укинува обврската отворените инвестициски фондови да се основаат со капитал од 300.000 евра

Редакција