На меѓународниот турнир „Златен појас на Чачак“ којшто викендов се одржа во Србија и на којшто учествуваа 111 клуба од 14 земји, карате клубот „Макпетрол“ освои шест медали, информираат од таму.
Членовите на скопскиот тим се закитија со по две златни, сребрени и бронзени одличја, што на генералната листа според бројот на освоени признанија го позиционира клубот на третото место.
– На овој силен натпревар заминавме со вкупно 13 спортисти. Се работи за најсилен регионален турнир, особено за балканскиот простор и тоа првенствено во сениорска и во младинска конкуренција.
Учеството на националните репрезентации од 14 држави само по себе говори дека имаше извонредно квалитетна конкуренција. Успеавме да освоиме вкупно шест медали и куриозитет е што вториот ден на генералната листа на клубови по број на освоени медали го освоивме третото место – истакна Петар Заборски, тренер на КК „Макпетрол“.
Спортистите на скопската екипа во Чачак настапија во машка и во женска конкуренција во дисциплината борби. Целта беше да се спроведе уште една контрола со цел подобро темпирање на спортската форма на каратистите, пред претстојните Европски првенства што треба да се одржат во Турција (за сениорите) и во Чешка (за јуниорите и У21).
„Златниот појас на Чачак“ го освои каратистката Јована Мицовска во категоријата под 59 килограми во јуниорска конкуренција. Таа со четири брилијантни победи успеа да стигне до финалето и да го освои највисокото признание.
Најдобриот младински репрезентативец и актуелен европски првак, Стефан Стојановиќ, се закити со златното одличје во категоријата над 84 кг. кај постарите јуниори (У21). Сребрени медали освоија Марија Петровска и Данило Божовиќ. Бронзена медалистка во сениорска конкуренција (-50 кг.) е Сара Радичевска, додека Моника Пендаровска освои бронзено признание, исто така, во сениорска конкуренција, во категоријата под 61 килограм.