еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Придавката „македонски“ не се заменува со уставното име, велат од Комисијата за МИА

Категорично ги отфрламе невистините дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката „македонски“ ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, нагласуваат за МИА од македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

-Членовите на македонскиот тим во Комисијата би сакале да ја информираат јавноста во однос на неточните и нецелосни информации кои се појавија во јавноста во врска со вчерашната виртуелна средба на која беше усогласен записникот од деветтата средба.

Имено, категорично ги отфрламе невистините дека придавката македонски се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката македонски ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, наведуваат од македонскиот тим на Комисијата.

Потенцираат дека на вчерашната средба беше постигнато техничко решение со кое одредени проблеми биле надминати, при што секоја страна останала на своите ставови и позиции во контекст на проблематичните прашања во содржината на записниците.

-Би сакале да испратиме повик до новинар(к)ите да известуваат одговорно и професионално за теми кои се важни за интересите на македонската држава, апелираат од Комисијата.

Дел од медиумите денеска објавија дека придавката “македонски” ќе се користи само во цитатите од записниците, а во официјалните заклучоци од средбите ќе се употребува уставното име на земјава.

Македонскиот тим од Комисијата вчера за МИА нагласи дека на вчерашната средба, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба бил постигнат напредок.

– Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот, посочија од Комисијата.

Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од десеттата и за записникот од последната, единаесеттата средба на Комисијата.

На вчерашниот онлајн состанок, на кој учествуваа по тројца претставници од двете страни, беше предвидено да се разговара само за текстовите на записниците што сè уште не се потпишани, но не и за какви било историски прашања.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември минатата година.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 по скопските општини: Рекордни 505 во Аеродром, Карпош 417, Центар 433

Редакција

Аеродром со рекордни 400 активни случаи на Ковид-19: Детален преглед по скопските општини

Редакција

8.429 нови за 24 часа: Досега се самопопишале 130.009 во дијаспората

Редакција