еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Кој ги контролира над 100 јавни објекти во Скопје кои се уште користат мазут, нафта и јаглен за загревање? 

Деновиве граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ објави податок дека над 100 објекти, меѓу кои и големи јавни претпријатија и установи во Скопје користат мазут или нафта како енергенс за загревање.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Мапа) Над 100 јавни објекти во Скопје се греат на мазут и на нафта за домаќинство, велат од “Шанса за Центар“

Според нивната евиденција, мазут користи ЈСП во своите автобази, како и Железници-транспорт и Клиниката за физикална медицина и рехабилитација.

На нафта пак се греат огромен број училишта, градинки и болници во целиот град. Дури и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле користи ваков енергенс.

Постојат и установи, како што е затворот „Идризово“, кои како енергенс за загревање користат дури и јаглен.

Според евиденцијата на договорите за јавни набавки што ја направила „Шанса за Центар“, за време на оваа грејна сезона јавните установи и претпријатија што работат во Скопје ќе потрошат над 2,7 милиони литри нафта за загревање на нивните работни простории, а со количината мазут што ќе се употреби за оваа намена може да се наполни еден олимписки базен.

Според екологистите, мазутот и нафтата за греење се исклучително „валкани“ енергенси, бидејќи содржат многу повеќе сулфур и азотни оксиди, во споредба со природниот гас.

Според студијата на Финскиот метеоролошки институт, изработена во 2016 година за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање, греењето со мазут е еден од главните фактори кои придонесува за загадувањето на амбиенталниот воздух во скопската котлина.

Оттука, се поставува дилемата – кога надлежните инспектори за животна средина ќе спроведат контрола на јавните установи и претпријатија во Скопје за да утврдат дали го загадуваат воздухот горејќи мазут, нафта и јаглен и кога јавно ќе ги објават резултатите од тие контроли.

Исто така, останува нејасно зошто како една од клучните мерки за намалување на загадувањето во Скопје, Градот Скопје и надлежното министерство не ги задолжат јавните установи и претпријатија во Скопје да го заменат мазутот, нафтата и јагленот со природен гас, како еколошки поприфатлив енергенс?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сава пензиски фонд купи акции во Македонијатурист

Редакција

Германскиот канцелар Шолц потсети на одговорноста на Германија за убиството на милиони Евреи на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот

Редакција

Каков имот пријавила Анита Бошковска, која е избрана за судијка во Врховниот суд

Редакција