Собраниската Комисија за избори и именувања попладнево го утврди предлогот Фатмир Скендер да биде избран за судија на Уставниот суд.
По гласањето по предлогот, претседателката на Комисијата Марија Георгиевска ја прекина седницата, а нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.
Освен предлогот Фатмир Скендер, граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје, да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија, Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на седницата, Комисијата за избори и именувања по повеќе од еден час работа не ја започна расправа за предложени девет кандидати за уставните судии. Пратениците дебатираа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да има поединечно претставување на кандидатите пред пратениците, што беше надгласан.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова рече дека проблемот кој се јави со нефункционирањето на Уставниот суд, а кој е многу важен фактор во градењето на демократијата, владеењето на правото, заштита на човековите права, може да се надмине ако во измените на Деловникот се предвиди одредба шест месеци пред истекот на мандатот на уставните судии, да почне собраниската постапка.
– Не треба да дојде вакум во работењето на Уставниот суд. Ние сме директни соучесници во кршењето на владеењето на правото, односно ние сме фактор во на оневозможување на функционалното работење на Уставниот суд, но и на други институции.
Да иницирам уште едно прашање. Одговорно тврдам дека нема држава во која има Уставен суд, а нема закон за Уставен суд. Но, ние сме таа држава, нагласи Силјановска Давкова.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека биографиите на кандидатите се сувопарно парче хартија на кого му недостасува личноста која би се обратила во живо.
– Сметам сетам дека ваквиот начин на одлучување ќе остави можност за недоволна запознатост на сите членови и заменици-членови на комисијата со кандидатите и нема да знаат за кого да гласаат.
За тие кандидати за кои лично не ги познавам нема да можам да гласам за и ќе гласам против кои не ги познавам лично, бидејќи се работи за сериозна институција, рече Милошоски.
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека се приклучува кон истите тези на Милошоски за избор на уставните судии, бидејќи немаат прилика лично да ги видат кандидатите.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во понеделникот одржа средба со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери за блокадата на изборот на четирите уставни судии.
Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран, тогаш на државата и се заканува уставна криза.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
МИА/Фото: Уставен суд