еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Ковачевски се сретна со Макрон: Не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Братислава се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на која, како што информираат од владината прес-служба, било разговарано за процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Македонија во Унијата.

Макрон ја поздравил одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцирал дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон се согласиле дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Македонија во ЕУ.

На средбата, јави известувачот на МИА од Братислава, присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковачевски, на средбата, му се заблагодарил на францускиот претседател за неговиот личен ангажман во процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Македонија во Унијата.

Соговорниците, исто така, изразиле согласност дека не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции, и затоа, и овој пат нема да отсуствува поддршката од Франција и меѓународната заедница во натамошните етапи и предизвици на патот кон членство во ЕУ.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествува на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023, кој се одржува во Братислава. Во рамки на агендата, Ковачевски денеска имаше билатерална средба и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Безбедносниот форум на Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18-то издание на Форумот, има за цел да го потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедувањето на глобалната стабилност.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Стар си кога поретко излегуваш од Миле Јанакиески шо оди во притвор“: Твитер реакции за новото апсење и новиот притвор за екс министерот

Редакција

Во моментов сме во состојба на вето за Македонија, ќе побарам мониторинг од ЕУ за правата на македонските Бугари, најави Радев

Редакција

Остана уште Шпанија: И Франција го ратификуваше Протоколот за НАТО

Редакција