Имаме ретка можност и шанса во период од 2,5 години без изборни потреси, кои секогаш за политичарите најчесто се неоправдано историски, а за граѓаните секогаш оправдано трауматични, и да се посветиме на реалните проблеми и животот на граѓаните, изјави мандатарот Димитар Ковачевски во претставување на Програмата и составот на новата Влада во периодот од 2022-2024 година, пред пратениците во Собранието.
„Да се посветиме на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеноста.
Немаме дилеми дека мора подобро и поефикасно да испорачаме резултати во борбата против криминалот и корупцијата, во ефикасноста на администрацијата која мора да се намали и професионализира, во креирањето на модерен здравствен систем, во образованието на младите.
Наша обврска е да не дозволиме младите да бараат авионска карта за надвор, туку да стекнат знаења и работа дома.
Имаме обврска, по толку години чекање, да се придивижиме кон Европската Унија. Како што претходната Влада ја исполни целта на граѓаните за полноправно членство во НАТО, нашата гаранција за безбедност и мир, така оваа Влада да ги започне преговорите кои значат економски напредок и развој,“ изјави Ковачевски.
За Програмата за работа на новата Влада, Ковачевски смета дека е реална, остварлива, конкретна.
„Во неа има континуитет и од претходната програма на поранешната Влада затоа што добрите политики треба да продолжат. Има и нови политики и мерки, затоа што времето и предизвиците се менуваат. Затоа што и ние самите, мораме да се промениме за да бидеме подобар и поефикасен сервис за граѓаните. Ништо повеќе, ништо помалку.
Понудив најсоодветни кадри за спроведување на Програмата. Нема да речам, стари или нови, бидејќи тоа за мене не е пресудно. Понудив избор на кадри, кои се оптимален спој на искуство, но и на нова енергија,“ додаде Ковачевски.
Клучна цел на економската политика на Владата, според Ковачевски, ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на бруто-домашниот производ (БДП) со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 %, на 5% просечен раст.
„Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции.
Главен предизвик во економијата останува соочувањето со ефектите од пандемијата и енергетската криза. Уште на почетокот на мандатот, Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последниците од енергетската криза. Ова ќе биде направено со цел ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови.
Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата Влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите. Остануваме посветени и на подобрување на понатамошниот модел за редовно усогласување на пензиите,“ додаде Ковачевски.
Согласно Планот за забрзан економски раст, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 51,1% во 2024, а стапката на невработеност во 2024 да достигне 11,4%, додека за првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 % до крајот на 2026 година.
МИА/Фото: Фејсбук/Ковачевски