еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Личност на годината на еМагазин: Марко Пејчиновски

Во тешката година која изминува, и која сите сакаме да ја заборавиме, една од најсветлите точки ни беше младиот Марко Пејчиновски (16) од Охрид, па редакцијата на еМагазин немаше никаква дилема токму Марко да биде нашата Личност на годината.

Храбриот Марко и оваа година преплива долги дестинации од по неколку километри, кои би биле голем предизвик и за повозрасни професионални пливачи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Марко Пејчиновски, Личноста на годината на еМагазин: Мајка ми секогаш ми кажуваше дека Господ има план за сите и не става во искушенија за да сме посилни

Марко почна да плива на долги патеки уште на 12 години, за да ја подигне свеста во општеството за ретките болести.

Податок кој не е толку познат во јавноста е дека Марко при пливањето речиси не ја користи едната нога, поради ретка болест – некроза на ногата, болест која понекогаш придонесува тешко да се движи и чувствува силни болки, која ја има од 10-годишна возраст.

Досега има направено две операции за да ги намали болките, а во иднина е планирано да стави вештачки колк, кога ќе престане процесот на растење.

Тоа што Марко го постигна од 2018 година до годинава е импозантно и за поклонување.

Ова се пливачките подвизи кои Марко ги оствари како најмлад маратонец на патеки кои се препливуваат за прв пат во историјата на маратонското пливање во Охридското Езеро:

На 12-годишна возраст во август 2018 година за 9 часа и 1 минута преплива 22,4 километри од манастирот Свети Наум до Охрид.

Во август 2019 година на возраст од 13 години, пливаше на дестинацијата Охрид-Свети Наум-Струга-Охрид, но после препливани 11,84 километри и 4 часа и 49 минути пливање го прекина препливањето.

Во јули 2021 година, на возраст од 15 години, за 7 часа и 14 минути тој преплива 22,4 километри од Охрид до манастирот Свети Наум.

Исто така во јули 2021 година за 15 часа и 33 минути преплива 44,8 километри од Охрид до манастирот Свети Наум и назад.

Во септември 2021 година за 9 часа и 6 минути Марко преплива 24,8 километри од Охрид до Струга и назад.

Во јуни 2022 година на 16-годишна возраст за 5 часа и 25 минути, тој преплива 13,84 километри од Радожда до Охрид.

Исто така во јуни за 6 часа и 40 минути преплива 18,28 километри од Радожда до Градиште.

Истиот месец за 6 часа и 4 минути преплива 20,27 километри од Радожда до Трпејца.

Во јули за 9 часа и 26 минути, Марко преплива 29,11 километри од Струга до манастирот Свети Наум.

Истиот месец за 7 часа и 5 минути преплива 20,53 километри од Струга до Пештани.

Во јули исто така за 6 часа и 53 минути преплива 21,81 километри од Струга до Градиште.

Исто така во јули за 6 часа и 52 минути преплива 23,03 километри на релацијата Радожда-Трпејца-Градиште.

Во август за 5 часа и 16 минути преплива 18,27 километри од Заум до Охрид.

Истиот месец за 5 часа и 59 минути ја преплива релацијата Градиште-Трпејца-Охрид.

На 27 и 28 август за 21 час и 41 минути исплива 63,84 километри на релацијата Охрид-Струга-Свети Наум-Охрид.

Признанието Личност на годината, еМагазин го доделува од 2013 година и е единствен медиум во Македонија, кој од основањето, секоја година редовно го доделува оваа признание.

Минатата година Личност на годината беше доктор Никола Пановски, кој беше гласот и разумот на науката, во борбата против Ковид-19.

Личности на годината за 2020 година беа здравствените работници, поради нивната пожртвуваност во битката против Ковид-19.

Личност на годината за 2019 година беше главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, која со својата скромност и однос кон пчелите остави силен впечаток врз милиони луѓе во светот.

Личност на годината за 2018 година на еМагазин беше актерката и активистика Ирена Ристиќ, која ја крена свеста на граѓаните и институциите за здрава животна средина.

Во 2017 година, Личност на годината беше тогаш главниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“ и селекторот на Македонската репрезентација Раул Гонзалес, поради историскиот успех на РК „Вардар“ со освојување на тронот во Лигата на шампиони на ЕХФ.

Во 2016 година Личност на годината беше обвинителката Фатиме Фетаи, поради зборот правда која често го користеше.

Во 2015 година ја избравме Ленче Здравкин, поради несебичната грижа кон бегалците, нејзината помош и големото срце.

Во 2014 година Личност на годината на еМагазин беше студентот од Битола, Томе Кириази, кој на сиромаштијата и пркосеше со своето знаење и натпросечна интелигенција.

Во 2013 година ја избравме уметничката Розе Мојсовска, која и покрај телесниот хендикеп, создава уметнички дела цртајќи со уста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавила Каја Шукова, новата министерка за животна средина и просторно планирање

Редакција

Во угостителските објекти свадбите и родендените остануваат забранети, што пишува во Протоколот

Редакција

Потребни се средства: Дијана има ретко заболување кое го напаѓа видот и центарот за рамнотежа

Редакција