еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

Лидија Бошковска стана првата амбасадорка на Македонија во Грција

Во позитивна и пријатна клима, во претседателската палата во Атина, новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска денеска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, церемонијата започна со интонирање на грчката химна, по што амбасадорката ги предаде акредитивните писма и по куса аудиенција на крај беше интонирана македонската химна.

За време на аудиенцијата, која поминала во срдечна клима, Сакеларопулу и Бошковска, според информациите на МИА, разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Заедно со Бошковска, акредитивите денеска ги предадоа и амбасадорите во Атина на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија, а на церемонијата во претседателската палата присуствуваа и заменик министерот за надворешни работи на Грција, Костас Франкојанис и генералниот секретар на претседателката, Василиос Пападопулос.

Бошковска е првата амбасадорка на Северна Македонија во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, со што Канцеларијата за врски во Атина прерасна во Амбасада.

Воедно таа е и првата жена амбасадор на Северна Македонија што акредитивните ѝ ги предаде на првата жена претседателка на Грција.

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопски „Бетон“ го доби тендерот за рехабилитација на патот Куманово-Страцин вреден 7 милиони евра

Редакција

(ВИДЕО) Ќе го тргне ли Бугарија ветото: Заев на средба со Фон дер Лајен, Мишел, Радев и Вархеј во Брдо

Редакција

Во вооружените судири загинаа над 240 лица: Во сила примирје меѓу Израел и Хамас

Редакција