еМагазин
Image default
Македонија

Македонците постепено ќе ја научат вистината дека се Бугари, инаку нема ЕУ, вели бугарскиот ексамбасадор во Македонија, Јорданов

Поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, Александар Јорданов, кој беше на таа функција од 2001 до 2005 година, а сега е пратеник во Европскиот парламент на својот профил на Фејсбук објави свое видување за потеклото на Македонците.

Според него, Македонците имаат бугарско потекло, а бугарско е и Илинденското востание.

Тој смета дека помеѓу двете земји во минатото ќе имало многу војни, но тоа не се случило затоа што, како што посочува, Македонците и Бугарите се еден ист народ.

„Народните песни собрани од браќата Димитар и Константин Миладинови од Струга се бугарски и во најголем дел потекнуваат од територијата на денешна Република Северна Македонија.

Народното творештво и нејзините собирачи не лажат. Кога Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, родум од Велес (во југословенско време го нарекоа овој град населен со македонски Бугари Титов Велес, но нашите комунисти не заостануваа со Димитровград, Коларовград, Благоевград, Михајловград!), напиша: „Прогон и страдање за чесното име бугарско“, тој се претставува како Бугарин и таков треба да остане во заедничката историја.

Не можат да се заборават ни зборовите на Константин Миладинов кога напиша дека: „Западна Бугарија уште се нарекува Македонија“ и го постави прашањето: „А што ќе ги направиме тамошните повеќе од два милиони Бугари?“.

Затоа што тој е или достоен просветител или, според денешните скопски критериуми, манипулатор кој не го познавал своето национално потекло.

Илинденско-преображенското востание од 1903 година, кое избувна во Македонија и Одринско, е настан во бугарската историја, во битието на Бугарите кои живееле на тие простори и кои несреќно останале под османлиската власт.

За денешните Македонци, кои тврдат дека не се Бугари, тоа нема врска. Фактот што дел од востанието избувна на територијата каде што сега живеат, не го прави нивен настан.

Архивските документи, како и старите весници, говорат дека нашите сонародници биле убивани и тероризирани од безродници. Тоа биле главно комунисти и србомани.

Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина. Инаку, за нив нема да има Европска Унија. Ако го стореа тоа порано немаше да мораат да го менуваат името на својата држава“, пишува Јорданов.

Тој смета дека е апсурден и спорот за Гоце Делчев.

„Дека тој е Бугарин докажуваат не само документите, како што би рекол Антон Тодоров. Благодарение на бугарскиот поет Јаворов, денешните Македонци знаат нешто за Делчев.

И ако ги признаат македонските Бугари за свои предци, тогаш може да говориме за заедничка историја, ако не ја признаат таа историска вистина, нема како историјата да ни биде заедничка“, пишува Јорданов.

Во времето на Преродбата, додава тој, дел од населението кое живее на територијата на денешна РС Македонија се самоопределило како бугарско население, како македонски Бугари, а доказите се повеќе и повисоки од македонските планини.

„Ги има во архивите, весниците, книгите, семејните хроники. По Првата, а особено по Втората светска војна, тоа бугарско население било жестоко репресирано и принудувано да се одрекува од своите бугарски корени.

Српските комунисти, а потоа и македонските комунисти србомани, не само што физички малтретираат и затвораат низ Југославија илјадници наши сонародници, туку, како официјална историја налагаат антибугарска коминтерновска доктринана македонизам, според која, Македонците се друг народ, различен од нас Бугарите.

Потоа следува и партиското решение за создавање на македонска нација и македонски литературен јазик, којшто од научна гледна точка е југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.

РС Македонија преживеа, зашто семката ѝ е бугарска. Денешните бугарски политичари кои го впериле погледот кон иднината не треба да го забораваат минатото. Зашто нема иднина без минато и зашто заедничката историја создава само еден заеднички народ“, пишува Јорданов.

Фото: Фејсбук/Јорданов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гоце Делчев да биде Македонец во регионална смисла, а во етничка Бугарин: Ова е предлогот на Софија тврди Милошоски

Мицкоски повика на лидерска средба за разговорите со Бугарија: Сериозните прашања се решаваат на маса

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопје, Штип и Гостивар рекордери по новозаболени од корона вирусот

Редакција

Судење „27 април“: Обвинетите Јане Ченто и Игор Југ нема да бараат амнестија

Редакција

Спасовски: Истрагата за „Двојник“ ќе се прошири

Редакција