Како Министерство за економија ќе ги следиме сите одлуки што се носат од страна на Европската комисија (ЕК) и секоја одлука што ќе ја донесат ќе ја донесеме и ние преку Министерството за надворешни работи, вклучително и во делот на енергенсите, одговори министерот за економија Крешник Бектеши на новинарско прашање поврзано за начинор на плаќање на рускиот гас.
„Наш интерес е да ја зголемиме сигурноста во делот на снабдување со енергенси и да го диверзифицираме снабдувањето со природен гас и затоа наскоро ќе се објави тендерот за изградба на новиот гасен интерконектор со Грција. Бараме од ЕК да влијае на Бугарија да се ослободат капацитетите кои се закупени од страна на „Газпром“,“ додаде Бектеши.
Тој нагласи дека се прават подготовки за обезбедување на алтернативни енергенси за топланите и енергетските капацитети за да работат во континуитет согласно нивните планови за производство, доколку Русија одлучи да го запре снабдувањето со природен гас за земјава.
– Моментно гасот не го плаќаме во рубљи, но доколку инсистира Русија, а Европската комисија има одлука да не се плаќа во рубљи и ние нема да го правиме тоа. Како држава до овој момент со гас се снабдуваме само од „Газпром“, имајќи предвид дека сите капацитети се закупени од тој оператор, посочи Бектеши.
Земјава во моментов е 100 проценти зависна од руски природен гас кој го набавува преку гасоводот со Бугарија каде до 2030 година руски „Газпром“ ги има закупено сите капацитети за транспорт на гас до нашата граница. Народната банка, пак, веќе ја стави рубљата на курсната листа со што постои можност за плаќање на гасот со руската валута.
МИА/Фото: Влада