Седумдесет и седум години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна денеска во Република Македонија ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.
По повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.
Традиционално по повод празникот, во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“.
Добитници на наградата се проф. д-р Драги Михајловски, преведувач и писател, Ристо Лазаров, писател и новинар, Петре Арсовски, актер и проф. д-р Александар Ставридис, хирург – уролог.
Михајловски, Лазаров и Арсовски наградата ја добиваат за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис за животно дело во областа на здравството.
Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
МИА