Целата држава го подигна нивото на заштита на највисоко можно поради нападот врз Украина, а во престојниот период се очекува и зголемување на заканите од кибер напади поради што се преземени специјални мерки, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој спомена дека Министерството за надворешни работи уште пред ескалацијата на состојбата во Украина било цел на обид за кибер напад.
-Имавме ситуација и пред ескалацијата, МНР беше таргет на еден таков овид за кибер напад и тоа покажува дека ќе има такви хибридни закани, во однос на таргетирање на кибер, односно дигиталната инфраструктура.
Сега веројатно ќе бидат уште поголеми и затоа се преземаат сите вонредни мерки. МНР веќе ги презеде тие мерки, а претходно и целтата држава го подигна нивото на заштита на највисоко можно, рече Османи денеска по тематска дискусија „Современите предизвици во контекст на градењето на Стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија“.
Османи истакна оти вчера на владина затворена седница било разговарано за ранливоста, односно подготвеноста на критичната кибер инфрастуктура во земјата, можните ризици, информациите, кои ги имаме за можни ризици и мерките што треба да се преземат. Нагласи дека се донесени конкретни заклучоци, во чии детали не навлегуваше поради карактерот на информациите.
Османи на прес-конференцијата говорејќи за тематскиот настан Рефлексија 2030, со кој, како што рече, преку еден инклузивен процес се создава нова десетгодишна стратегија за надворешната политика на Република Северна Македонија, нагласи дека најважната тема која се наметнала е новата светска криза, која настана по агресијата од страна на Русија врз Украина.
-Ние и денес, пред нас ги гледаме присутните хибридни закани и активности за хибридни упади внатре во рамките на општеството и од тука се наметнува потребата за се поголема грижа и заштита на критичната инфраструктура пред се мислам на кибер и дигитална инфраструктура која станува поважна од онаа физичката структура за која е потребен стратешки државен пристап, рече Османи.
МИА