еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Се трага по исчезнатото десетгодишно дете во Мариово, се вклучи и хеликоптер од МВР

Од синоќа сѐ уште се трага по десет годишно дете, кое исчезнало вчера околу 16 часот од селото Врбско во Мариово. Вклучени се екипи на полицијата, од пограничната служба, кучиња трагачи, жители, од противпожарната единица од Прилеп, од ловечкото друштво Мукос и од изутрината во потрагата е вклучен и хеликоптер од МВР.

Досега сѐ уште нема траги од исчезнатото дете, кое е со посебни потреби.

Според СВР Битола таткото на исчезнатото дете пријавил синоќа околу 18 часот дека неговиот син го снемало од селото.

Спасе Чакревски, од селото Витолиште меѓу првите се вклучил во потрагата. Раскажува дека таткото со сопругата и трите деца, меѓу кои десет годишниот Петар живеат во Прилеп, а од вторникот биле во селото Врбско каде имаат пчелни семејства. Потрагата била речиси цела ноќ, но, за жал, сѐ уште нема трага од детето. Околината е крајно непристапна, а детето било лесно облечено.

-Околу 20:30 часот синоќа ми се јави службеникот од пограничната поставка во Витолоште и ми кажа дека таткото на исчезнатото дете Стојо Џобески пријавил дека му го нема синот. Секаква трага му се изгубила околу 16 часот од влезната порта на куќата во селото Врбско.

Со четворица службеници први стигнавме во Врбско еден час подоцна, во 21:30 часот и почнавме со потрага низ куќите. Неколку куќи се во селото, нема постојани жители. Безуспешно. По 22 часот повикавме дополнителна помош и стигнаа 30 до 40 теренски возила, најмногу од ловечкото здружение „Мукос“, но дојдоа и од Битола, дојде екипа од противпожарната единица и дополнително од полициската станица од Прилеп.

Јас присуствував на потрагата до изутрината околу четири часа и нема трага од детето. Од изутрината дојде и хелихоптер од Скопје. Баравме со светилки, теренот е многу непристапен. Селото од сите страни е оградено со нискостеблеста шума. Сентиметар по сентиметар пребарувавме.

Во селото и во околината се беше пребарано, но за жал, нема никакви траги. Родителите кажаа дека детето е со хендикеп, не зборува, не е комуникативно и ни потенцираа дека ако забележи дека некој се движи, има можност да се скрие.

Лошо е што температурите се ниски, ноќеска беше минус 3 степени, детето е само со една блузичка и тенка виндјакна, носело повисоки гумени чизми, објаснува Спасе Чакрески, жител на Витолиште, кој до изутрината учествувал во потрагата и ќе се придружи во попладневните часови.

Чакрески апелира кој може да помогне, ама со теренско возило, зашто теренот кај Врбско е тешко пристапен.

– Апелирам секој кој може да се придружи на потрагата. Ама со теренско возило и да си понесе храна. Од Витолиште до селото Врбско има 11 километри тешко прооден макадам пат. Договараме со луѓе околу 16 часот повторно да одиме и ако треба цела ноќ да трагаме, вели Чакрески.

Од прилепската противпожарна единица велат дека нивната екипа останува на теренот во Мариово и во потрагата по исчезнатото десетгодишно момче.

МИА/Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Несекојдневна кражба: Им „здиплил“ над 26.000 килограми јаболка

Редакција

Ресторан изгоре во скопско Дебар Маало, а запалени биле и патнички возила

Редакција

Бебе загина во сообраќајка во струмичко

Редакција