„Македонијатурист“ во првите три месеци од 2020 година од пружените хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности оствари негативен финансиски резултат односно загуба од 13,89 милиони денари, соопшти компанијата преку Македонската берза.
„Финансискиот резултат е намален во однос на истиот период во минатата 2019 година, кога друштвото оствари позитивен финансиски резултат. Вкупните приходи за трите месеци од 2020 година изнесуваат 40,40 милиони денари и се намалени за 30% во однос на истиот период од претходната 2019 година како последица од пандемијата со Ковид-19, при што приходите од продажба на друштвото се намалени за 33%.
Вкупните трошоци и расходи од работењето за трите месеци од 2020 година изнесуваат 54,29 милиони денари и се намалени за 2% во однос на 2019 година.
Негативниот финансиски резултат од работењето друштвото го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во фржавата, поради пандемијата со Ковид-19, како и согласно одлуката на Владата за привремено затварање на сите угостителски објекти кон која се приклучи и „Македонијатурист” АД Скопје кое како последица се одрази во голема мера во работењето на хотелско угостителската дејност поради откажување на сите аранжмани, затварање на границите и аеродромите уште во почетокот на месец март во 2020 година“, соопшти компанијата.
Оттаму додаваат дека и покрај остварениот негативниот финансиски резултат во првите три месеци од годината, финансиски показатели како што се степенот на финансиска сигурност, степенот на самофинансирање и општата ликвидност на друштвото се на доста високо ниво.
„Имајќи ги во предвид напред изнесените податоци, а со оглед на тоа дека глобалната здравствена пандемија се уште трае и се одразува и на севкупното намалено работење на економиите во светот, при што ваквата состојба се очекува да продолжи и во следниот период, друштвото се соочува со неизвесност во однос на условите и периодот во кој ќе отпочне повторно со работа со својата дејност.
Сето ова може да предизвика намалување на финансискиот резултат на друштвото, односно искажување на загуба во идните периоди од деловната 2020 година“, информираат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Продаден блок-акции од „Македонијатурист“ за 43.000 евра
„Македонијатурист“ ќе исплати дивиденда во бруто износ од 227 денари по акција