еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Максим Димитриевски за првпат зборува за приватниот живот: Сопругата Надица ми е коректор

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој успеа да се избори за втор мандат без поддршка на неговата матична партија СДСМ, со неговите настапи во медиумите и ставовите за актуелни политички и други прашања, секогаш предизвикува големо внимание во јавноста, а паралелно со тоа драстично расте и неговиот рејтинг.

Во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина„“, тој за првпат зборува за својот приватен живот.

Партизанско семејство

Има само една сестра, Дафина, наставник по математика, но вели дека има многубројно семејство од страната на мајка му и од страната на татко му со голем број на чичковци и тетки, братучеди, братучетки и внуци.

„Секоја година во октомври традиционално се собира поширокото семејство.

Потекнувам од партизанско семејство, дедо ми и баба ми од страната на мајка ми биле партизани, а братот на дедо ми во времето на НОБ е ѕверски убиен од страна на фашистите,“ раскажува тој.

Токму на таа тема неодамна зборуваше и на бугарска национална телевизија БНТ1 и стана еден од ретките политичари од Македонија кои биле поканети од бугарски медиум да говорат на темата, а видеото од емисијата во која се појави со книга за сите жртви за време на Втората светска војна во Општината Куманово, беше едно од најгледаните и најсподелуваните на социјалните мрежи.

На бугарската телевизија гостуваше на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ден кога имаше неколку инциденти на македонско-бугарската граница.

„Не бевме сигурни дали ќе успееме да се вратиме во Македонија, поради случувањата на границата, за кои немавме доволно информации. За среќа се вративме без проблем“, вели тој.

Бунтовник со причина

Како дете, како што вели бил бунтовник, палав и темпераментен.

„Бев голем бунтовник, но и одличен ученик. На страната на послабите и секогаш за делење правда,“ раскажува Димитриевски, кој со својата маркантна појава и дух и тогаш, но и денеска предизвикува почит, во што се уверивме и на лице место.

Додека го правевме разговорот во „Кантина“ покрај нас седеше група на дипломирани студенти по градежништво, кои беа поприлично гласни. Откако решија да станат, тој им се обрати и ги праша што студираат. Настана комплетна тишина и сите внимателно го слушаа што ги прашуваше, а на крај ги покани да се пријават за работа како градежни инженери во Општина Куманово и јавните претпријатија, бидејќи како што вели сериозно недостасува таков кадар.

Основно и средно училиште завршил во Куманово, а за политика покажува интерес во времето кога е матурант во 1994 година, кога и станува член на СДСМ, заедно со други соученици од класот.

„Како дете не се гледав како политичар, не ме ни интересираше политика, но ме интересираа општествени активности, членување во извидници, феријалци, пионерски дом, разни спортски клубови, градскиот хор при основно музичко училиште, маалскиот бенд „Црни Соколи”, како и малскиот фудбалски клуб „Вучко”.

Единствено што посакував како млад, беше да бидам независен, свој, да не зависам од никој и да имам сопствен бизнис“, раскажува тој.

Како и многу други деца бил опседнат со стрипови и филмови, а бил голем фан и на култниот „Политикин забавник“, собирање на стрипови, сликички, значки, марки, како и чување на домашни миленици, кучиња.

„Имав убаво детство и имав среќа да пораснам во убаво маало“, раскажува тој и посочува дека во семејната куќа во која пораснал, заедно со родителите, живеел до пред една година.

„Игравме фудбал во дворот на болницата, се натпреваруваме во борење, игравме џамија, крива магарица, б’з, кошарка на малскиот кош кој беше поставен на бандера и многу други малски игри од тоа време.

Немавме телефони и компјутери, компјутерите дојдоа подоцна во доцните 80-ти години, како Спектрум, Комадоре 64, во 90-тите и првиот PC 286 со 40МБ. Многу често игравме шах и организиравме малски турнири.

Децата од маалото ме доживуваа како физички силен, но и како упорен. Знам да бидам упорен до тврдоглавост, а понекогаш дури и на моја штета,“ вели тој.

Наместо на факултет, влегува во бизнис

Откако го завршил средното образование, не продолжува на факултет, туку отслужува војска во АРМ, подоцна се вработува како шпедитер, а во 1998 година започнува свој сопствен бизнис со трговија, за да биде независен, како што сонувал од дете.

Од времето кога служел војска

„Купуваш евтино, продаваш скапо, ги плаќаш давачките на државата и заработуваш, мал семеен бизнис за убав живот. Во трговијата ги искористив и сите претходно стекнати животни искуства со баба ми Стојна, која беше шнајдерка и се занимаваше со земјоделие. Многу често продавав со неа земјоделски производи на градскиот и регионалните пазари.

Дедо ми Илија – Брацо, имаше големо влијание на мене, занаетчија со лимаро-браварска и метало-стругарска работилница, од кој го наследив и браварскиот занает. Сите тие стекнати вештини и денес ги користам и многу често ги применувам дома, на викендичка, а по потреба и кај мои пријатели, за да направиме или поправиме нешто…,“ раскажува тој.

Сепак не се откажува од понатамошното образование и се запишува на Правниот факултет Јустинијан Први, а откако ќе се врати од привремена работа во воена база во Ирак, ќе го продолжи образованието на Факултетот за општествени науки, ќе заврши специјализација, а потоа и ќе магистрира.

„Образованието е дефинитивно најмоќното оружје. Тоа што ви е во умот, не може никој да ви го земе. Моќта е во знаењето и сите стекнати вештини низ животот,“ вели тој.

м-р Радослав Настасијевиќ Варџиски, сосед од младоста и еден од првите соработници

Политички активизам

За цело време преку активизам е политички активен, поминувајќи ги сите фази во хиерархијата која ја има една политичка партија, од младинска структура, до највисоки органи на СДСМ.

Во 2009 година станува дел од Советот на Општина Куманово, а подоцна е и претседател на Совет од 2012 до 2016 година.

„Не барав никаква јавна функција, важно ми беше да придонесам за тоа во што верувам и да учествувам во креирањето на идеолошките и програмските политики на партијата, но за жал уште тогаш имав можност да ги увидам сите негативни страни на политиката.

Тие дворски игри, внатрешна поделеност, антагонизам, подметнување, лажни пријателства и вечниот интерес, „должничко-доверителски“ односи, разните интересни групи…

И до денес е така, и се уште се борам против тоа,“ вели тој.

Околу една година ќе биде и пратеник во македонското Собрание, каде бил и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, по што во 2017 година за првпат ќе стане градоначалник на Општина Куманово, избран во првиот круг од гласањето.

Од трета најзадолжена општина, Куманово како што вели, сега е финансиски најстабилна општина во државата.

Конечно на позицијата градоначалник, Димитриевски ќе има можност да покаже што се научил во живот и како преку политиката да го направи градот поубаво место за живеење.

„Кога станав градоначалник Општина Куманово беше трета најзадолжена општина во Македонија. Имаше долг од 11,5 милиони евра. Тоа ви е како со буџет за две години ништо да не правите, освен да враќате долгови.

Денеска на сметка имаме 4 милиони евра, а драстичните финансиски позитивни промени не се резултат на нови давачки, туку на правилно работење и реално прибирање на тоа што треба Општината да го наплати, не правејќи исклучок за никој“, вели тој.

Зголемени се и инвестициите во Општината со отворање на нови фабрики во новата индустриска зона, а верува и дека германскиот синџир „Лидл“ ќе биде еден од стратешките инвеститори.

„Сериозно работиме на создавање на услови за секој заинтересиран инвеститор“, вели тој.

Имам добри другари и пријатели во СДСМ, но и во други политички партии

Во 2021 година како независен кандидат, без поддршка на партијата доби втор мандат. Од тогаш и почна неговото оддалечување од партијата и раѓањето на граѓанското движење, кое се уште нема име, ама веќе се појавува во анкетите и котира многу високо.

„Секако дека одржувам контакти со луѓе од СДСМ, нормално е, таму имам многу другари, но со никој не сум особено близок, бидејќи мојот приоритет се граѓаните, јас сум градоначалник на сите и не сакам да ги делам луѓето ниту по еден основ, а најмалку по политичка припадност.

Не бев дисидент како што ме нарекоа, туку многупати опортуно се обидував да укажам на грешки и понудам решение, но за жал немаше капацитет за таквите како мене и голем број од нас беа елиминирани и отстранети од највисоките органи и тела, и тоа од страна на на самопрогласени авторитети во партијата, преку византиските игри коишто многу умешно ги играат.

За жал на тој начин уништија нешто што сите заедно го создававме со децении и идеолошки дијаметрално спротивно ја насочија партијата од државотворна во лукративно клиентелистичка за мала група на луѓе во раководството“, вели тој.

На нашето прашање дали граѓанското движење еден ден би коалицирало или би се претопило во СДСМ вели дека не размислува за било какво враќање во СДСМ, туку заедно со сите граѓани на Македонија има намера да креира нешто ново, граѓанско движење коешто ќе понуди нови алтернативи за сите, врз база на стабилна државотворна идеологија, мотивирана од крушевските и асномските корени, со реално остварлива програма, тим којшто ќе сака посветено да работи, а за идните коалиции вели дека во политиката е можно се.

Секако по изборната понуда е подготвен да разговара со сите, но не и со луѓето коишто се одговорни за состојбата во којашто се наоѓа Македонија денес.

„Во политиката нема правила. Секогаш е потребно разбирање и компромис, а најважен е консензусот“, вели тој.

Ние ќе правиме влада

Движењето како што е веќе познато ќе учествува на престојните парламентарни избори, есенва треба да го добие и името, а очекувањата на Димитриевски се големи.

Тој засега е единствениот што јавно го промовира движењето, а вели дека дел од него се интелектуалци од целата држава, универзитетски професори, лидери на студентски движења и невладини организации, академци од МАНУ, бизнисмени, како што вели тој, слободоумни граѓани, свои луѓе со сопствен став, кои сами во животот си создале капитал овде, не земајќи никому ништо, млади луѓе, авангардни, но и возрасни со големо животно искуство.

Вели дека има чести средби со претставници од меѓународната заедница, на кои им ја претставува неговата идеја, а на прашањето дали би коалицирал со ВМРО-ДПМНЕ, која на бројни анкети е во водство, смета дека бројките до изборите, драстично ќе се променат во корист на движењето и дека очекува победа на граѓанското движење.

„Ние ќе креираме како ќе изгледа новата влада, која ќе донесе национално обединување на Македонците и реално градење на добри меѓуетнички односи помеѓу сите заедници, креирање на мултиетничко, а не би-етничко општество во Македонија,“ вели тој.

Надица е љубовта на мојот живот

За сопругата Надица со која е во брак од 2000 година, а во врска пет години претходно, вели дека е љубовта на неговиот живот.

„Зад секој успешен маж стои силна жена. Звучи како клише, но така е. Таа е мојот коректор, мојот најлојален подржувач. Поддршката од семејството е најбитна во се,“ вели тој.

Имаат три деца. Синот Милан (21), кој студира менаџмент и кој веќе стекнува работно искуство, ќерката Вероника (18) која е матурантка, а која сака да студира архитектура и дизајн и Димитар (15), кој моментално е преокупиран со музика и е тапанар во гимназискиот бенд и со кој заедно планинарат и ловат.

Тешко е да се заштитат децата од се што слушаат или гледаат за нивниот родител политичар, вели тој.

Со Димитар на лов

„Се трудам да им објаснам дека не треба да се оптеретуваат за тоа, секогаш има и ќе има разни шпекулации и дезинформации. Засега не гледам амбиции од никој дека сакаат да влезат во политички води, а поголемиот син и ќерката се вклучени како активисти во граѓанското движење во хуманитарни акции, пошумување и др…

Ги учам да бидат независни во животот и исполнети, да бидат вредни, упорни и истрајни, да постигнат се со труд во животот, да бидат свои, пред се да бидат луѓе.

Бадникова вечера во домотот на Димитриевски

Потекнувам од занаетчиско работничко семејство кое што дополнително се занимаваше и со земјоделие, виноградинарство и овоштарство. Горд сум и на моите родители, татко ми Димче (73) и мајка ми Маргица (71), кои не воспитуваа во тогашниот традиционален дух, дисциплинирано, да имаме почит кон сите, дека честта е една од најбитните особини на човекот.

Посакувам на секој млад човек да има детство и младост приближно на моето“, вели тој.

Фото: Ивана Кузмановска/архива Димитриевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Словенечкиот премиер Јанша ја сфаќа позицијата на Бугарија, но смета дека за неа е добро а прифати нација која зборува сличен јазик

Редакција

Најчитани на еМагазин во 2021: Хронично болните и невакцинираните да не одат на свадби и веселби на затворено, голем е ризикот да заболат, советува Пановски

Редакција

Мето Јовановски не само што ја обогати нашата култура како култен актер, туку и стана светилник на верата, добрината и благородството, велат од Бигорски манастир

Редакција