еМагазин
Image default
Бизнис

Малите и средни претпријатија се клучот за побрзо економско закрепнување, вели Арсовска

По повод одбележување на Меѓународниот ден на малите и средни претпријатија воспоставен од Организацијата на Обединетите Нации со цел да се подигне јавната свест за нивното значење за економскиот раст и развој, организациите кои ги застапуваат на глобално ниво, здружено ги истакнаа најважните политики кои е потребно да се креираат со цел постпандемиско забрзано економско закрепнување.

Малите и средни претпријатија (МСП) се ‘рбетот на европската економија. Тие претставуваат 99 отсто од сите регистрирани претпријатија, вработуваат околу 100 милиони луѓе, сочинуваат повеќе од половина од БДП на Европа и играат клучна улога во додавањето вредност во секој сектор во економијата.

МСП креираат иновативни решенија за справување со предизвиците како што се климатските промени, влијаат на ефикасно користење на ресурсите и постигнување подобра социјалната кохезија.

„Малите и средни претпријатија се од клучно значење за постигнување одржлив економски раст. Тие се важен фактор за одржување на конкурентноста и постигнување на економски просперитет, за создавање на отпорност кон надворешните шокови на економски план, за постигнување на повисока вработеност.

Но истовремено малите и средни претпријатија се најподложни на потреси, како во случајот со кризата предизвикана од пандемијата, поради што сите активни чинители треба да работат на креирање на добро деловно окружување за поддршка и развој на овие правни субјекти.

Како организации, работиме на различни начини кои се прилагодени на националните услови, со цел да им обезбедиме на малите и средни претпријатија сè што е потребно за да растат и развиваат, но потребна е поголема ангажираност од институциите, носителите на одлуките и креаторите на политиките“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија по повод обраќањето на меѓународната конференција каде ги претставува деловните организации од Европа.

За создавање на подобар екосистем на МСП потребно е да се создаде сериозна стратегија за нивен развој и одржливост, која ќе предвидува конкретни мерки и активности со поставени рокови за реализација.

Со имплементација на стратегијата треба да се постигне значително зголемување на бројот на МСП кои се занимаваат со одржливи деловни практики, како и да го зголеми бројот на МСП кои користат дигитални технологии.

Секоја земја треба да делува да стане попривлечно место за претприемништво и да им овозможи на малите бизниси да растат и да се развиваат. Ова е особено клучно во пост-пандемискиот период, бидејќи малите и средни претпријатија се клучот за побрзо надминување на кризните состојби и за постигнување на одржливиот економски развој.

Исто така е неопходно да се намали регулаторниот товар и да се подобри пристапот до меѓународните пазари, како и да се осигура дека претпријатијата ги користат институционалните механизми за успешни прекугранични активности.

Неопходно е да се преземат мерки за олеснување на пристапот до финансирање што е едно од најгорливите прашања за малите претпријатија, како и да се обезбедуваат континуирани информации за достапност и пристап до извори на финансирањe.

Надлежните институции треба активно да го поддржат претприемништвото кое е делување и постапување според можностите и идеите и нивно трансформирање во додадена економска вредност за сите во општеството.

Иднината на европската економија е во малите и средни претпријатија, затоа е важно земјите да делуваат кон поттикнување, унапредување и координирање на меѓународната соработка и воспоставување на рамка за одржлив раст на МСП на национално, регионално и меѓународно ниво.

Во земјава 99,8% од сите претпријатија припаѓаат во групата на МСП.

Фото: ССК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УНИ Банка ја објави понудата за промена на кредитините услови за граѓаните поради корона вирусот

Редакција

Раст на прометот и трансакциите на Македонската берза во септември

Редакција

Повеќе години работиме успешно на македонскиот пазар, велат од Пан Интертрејд, која заедно со ЕДС учествуваше на повикот за универзален снабдувач на струја

Редакција