Министерството за правда денеска во изјава за МИА ги демантираше и ги оквалификува како лажна вест обвинувањата дека министерот за правда Бојан Маричиќ ја забранил употребата на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во називот на граѓанските здруженија.
-Класична лажна вест е дека министерот за правда ја забранил употребата на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во називот на граѓанските здруженија, односно трговските друштва.
Министерството за правда, секогаш кога тоа е во согласност со Уставот и законите, дозволува да се употребува придавката „македонски“, наведуваат од Министерството за правда.
Имено, како што се посочува, само во последните неколку месеци се регистрирани друштвата со имиња СВЕТА ЛИДИЈА МАКЕДОНКА-ЧЕНТО, Македонска сомелиерска асоцијација-МАКСА, Здружението за екологија, едукација, спорт, култура и развој на свеста на граѓаните за историјата на македонскиот народ МАКЕДОНСКА ПРЕРОДБА Сопиште, Здружението Македонска Асоцијација на Планински и Ски Водичи на Република Северна Македонија.
-Сите овие решенија се потпишани од министерот за правда Бојан Маричиќ, стои во одговорот за МИА од Министерството и при тоа се приложени дел од потпишаните решенија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема забрана невладини и приватни фирми да користат „Македонија“ во својот назив, вели Десковска
МИА