Репрезентативците на сениорскиот карате тим на Македонија кои освоија бронзен медал на неодамна одржаното Медитеранско првенство во Тунис добија признание за постигнат врвен резултат од Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Признанието од АМС доаѓа по големиот успех на македонските карате репрезентативци кои се закитија со медал во најтешката дисциплина, екипно борби за мажи и кој воедно е прво одличје за Македонија на медитеранските првенства во оваа дисциплина.
Бронзениот медал го освоија каратистите Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Стефан Стојановиќ, сите членови на карате-клубот „Макпетрол“, како и Мурсел Мисими од кумановскиот карате-клуб „Башкими“.
Со доделеното признание, Агенцијата за млади и спорт го потврди големиот успех на македонската сениорска карате репрезентација во која членуваат дури осум каратисти од клубот „Макпетрол“.
Покрај големиот екипен успех, нашите каратисти во Тунис остварија и три високи пласмани во поединечните категории, сите од членови на „Макпетрол“. Петар Спасеновски (-84 кг.) и Ангела Мојсовска (-68 кг.) го освоија петтото место, додека Симона Заборска (-61 кг.) го заврши натпреварувањето на седмата позиција.
На годинешното Медитеранско првенство учествуваа вкупно 447 спортисти во машка и во женска конкуренција, при што дел од шампионатот беа 19 најелитни и најдобро рангирани светски тимови.