еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Мажите во Македонија имаат за 0,6% повеќе банкарски сметки од жените, покажува анализата на Народна банка

На крајот на 2021 година граѓаните располагале во просек со 1,9 сметки по глава на жител. Притоа, сопствениците на сметките ги користат дигиталните услуги за пристап кај околу 43% од сметките, додека пак електронски плаќања се извршуваат кај 17% од сметките.

Ова го покажува статистиката на Народната банка со нови податоци за финансиската вклученост на населението и за дигиталните канали за плаќања според родова и возрасна структура.

„Од аспект на возрасната структура, помладата популација на возраст до 34 години располага во просек со 1,7 сметки и се најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања.

Имено, поголем дел од сметките во нивна сопственост, односно над 65% им биле достапни за електронски увид, а 25% за извршување на електронските плаќања.

Граѓаните од возрасните групи од 35 до 64 години, на кои отпаѓаат по 2,5 сметки, што е над просекот по глава на жител, помалку ги користат дигиталните услуги и вршат електронски увид во своите сметки до 43% и електронски плаќања преку 17% од сметките.

Граѓаните на возраст над 65 години најмалку ги користеле дигиталните канали за увид (само на 23% од сметките) и електронско плаќање (околу 6% од сметките), иако им припаѓаат по 2,4 сметки, односно 0,5 сметки повеќе од просекот по глава на жител.

Сепак, овие граѓани релативно поактивно ги користеле платежните картички за повлекување готовина, учествувајќи со 17,8% во вкупниот број трансакции за повлекување готовина на банкомати во земјата,“ се вели во анализата на Народна банка.

Генерално, во однос на минатата година се забележува поголема употреба на дигиталните услуги кај сите возрасни групи, што е причина за нагорно поместување на учеството и на сметките со електронски пристап и на сметките за електронски плаќања.

Од аспект на родовата структура на сопствениците на сметките, податоците посочуваат на родов јаз од 0,6 сметки повеќе во корист на мажите (2,2 сметки по глава на жител од машки пол, наспроти 1,6 сметки по глава на жител од женски пол).

Сепак, во споредба со мажите, во текот на 2021 година жените биле поактивни пристапувачи преку дигиталните канали кон своите сметки, правејќи најмалку еден увид во состојбата или промените, како и поактивни плаќачи, користејќи ги погодностите на интернет-банкарството или мобилните платежни апликации.

Така, сметките коишто се во сопственост на жените и со можност за плаќање преку интернет-банкарство или мобилна платежна апликација биле искористени за таа намена 41,6%, додека во истиот период мажите користеле 39,5% од своите сметки за таа можност.

Инаку, жените и мажите подеднакво направиле најмалку еден увид во состојбата и промените во неа кај 50% од нивните сметки.

Од аспект на инфраструктурната покриеност по општини за извршување на платежните трансакции, најголема покриеност со банкомати на десет илијади жители е забележана во Скопје (10), Дојран (10) и во Гевгелија (9), додека, пак, најголема покриеност со уреди на физички места на продажба е евидентирана во Скопје (566), Гевгелија (325) и во Охрид (299).

Во рамките на Градот Скопје, најголема покриеност со банкомати и уреди на физички места на продажба имаат општините Центар, Аеродром и Карпош.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вонредна инспекција за постапката за прифаќањето и третманот на починатиот ракометар Денис Тот на клиника, најави Министерство за здравство

Редакција

Почина писателот и академик Радован Павловски

Редакција

Ќе има ли предвремени парламентарни избори: Раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одлучуваат што по референдумот

Редакција