еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Бугарите да влезат како државотворен народ во македонскиот Уставот, не како малцинство, бара Бугарија

Заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија во Скопје, на која требаше да учествува бугарска владина делегација предводена од премиерот Кирил Петков, е одложена затоа што „нема договорен документ“ што би покажал напредок во преговорите меѓу двете земји, изјави шефицата на Кабинетот на претседателот на Владата на Бугарија, Лена Бориславова.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Бориславова во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) нагласи дека она што бугарската Влада и лично премиерот Петков би сакале да видат е „некаков доказ дека Република Северна Македонија има сериозен однос кон говорот на омраза и дискриминацијата на бугарското етничко население“.

– Затоа, следните чекори кои се очекуваат е да продолжи работата во оваа насока, изјави Бориславова, додавајќи дека министерствата за надворешни работи на двете земји активно ги продолжуваат разговорите.

Според Бориславова, „Бугарија не бара малцинство“ во земјава, туку вклучување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на Република Северна Македонија, со цел „да ги имаат сите права што ги уживаат и другите народи“.

Таа негира дека Софија е изложена на „силен надворешен притисок“ во врска со деблокадата на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, но нагласи дека во Бугарија во моментов има обид за внатрешно-политичка дестабилизација во однос на темата поврзана со земјава.

Според неа, Владата на Бугарија води единствена политика кон Северна Македонија, а како „јазична грешка“ ги коментираше изјавите на шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска за разликите меѓу неа и МНР од една и надворешнополитичкиот тим на премиерот Петков од друга стана.

– Надворешната политика на Бугарија ја води Министерството за надворешни работи, односно Теодора Генчовска. Таа или нејзините заменици секогаш го придружуваат премиерот и таа лично потврди дека водат иста надворешна политика со премиерот.

Останатото го препишувам на грешка во јазикот, Бугарија има единствена надворешна политика кон Република Северна Македонија, додаде Бориславова.

Како што претходно јави БГНЕС, на новинарско прашање околу „очекувањата на бугарското општество, Петков да потпише некаков документ со Скопје“, Бориславова изјави дека засега не се очекува нешто такво.

Прашана дали евентуална промена на ставот на бугарската Владата во однос на ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ, би можело да резултира со пад на Кабинетот на Петков, Бориславова изјави дека никој на кој било начин нема да преземе чекори во тој правец.

Таа потенцира дека како што неколкупати најави и самиот Петков, промена на бугарскиот став кон ветото ќе биде можна само со постигнување на широк консензус меѓу владејачката коалиција и опозицијата.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ленин Јовановски се повлекува од неговата улога во протестите, блокадите продолжуваат

Редакција

СЗО: Нема докази дека излекуваните од корона вирусот стекнуваат имунитет

Редакција

Ахмети: Сите на див начин, како волци, организираат пропаганда против ДУИ

Редакција