Повратот на ДДВ за фирмите во првите седум месеци од годинава изнесува 12,7 милијарди денари (206,4 милиони евра), што е е за 24 отсто повеќе од истиот период лани. Тоа, како што велат од Министерството за финасии (МФ), покажува дека гоиднава се инјектирани 2,5 милијарди денари повеќе во стопанството во споредба со лани.
„Ова е значајна инјекција на ликвидни средства во стопанството, што овозможува непречено тековно работење на компаниите, но и ја поттикнува нивната инвестициска активност“, порачуваат од Министерството.
Порано, додаваат, повратот на ДДВ беше горлив проблем во стопанството. Фирмите чекаа со месеци од државата да ги добијат парите кои им следуваат со закон. Во меѓувреме мораа да подигаат кредити и да плаќаат камати за да можат да работат и за да исплатат плати на вработените. Ова секако влијаеше и на нивната одлука да инвестираат понатаму во бизнисот.
„Сега повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно. Ова е значаен импулс за поддршка на нивните редовни активности и инвестиции. Тоа се огледа и преку вкупната наплата на ДДВ, која годинава е подобра за 7,4 отсто во однос на минатата година во првите седум месеци. Одговорното менаџирање е добро менаџирање со јавните финансии, што се пресликува врз стопанството и неговите перформанси“, велат од Министерството за финасии.