Индија и други азиски држави стануваат сè поважен извор на приходи од нафта за Москва, и покрај силниот притисок од САД да не се зголемуваат набавките, затоа што Европската Унија и други сојузници го прекинаа увозот на енергија од Русија, согласно санкциите поради војната во Украина.
Индија, земја со 1,4 милијарди жители, кои имаат голема потреба, потрошила речиси 60 милиони барели руска нафта годинава, во споредба со само 12 милиони барели лани, соопшти компанијата Кплер.
Се зголемуваат и доставките до други азиски земји, како Кина, но, во помала мера.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге тврди дека може да биде принуден да купи повеќе нафта од Русија, затоа што земјата има очајна потреба од тоа за време на својата тешка економска криза.
По руската инвазија на Украина кон крајот на февруари, цените на нафтата се зголемија. Но, тоа им овозможи на Индија и други земји да купат поевтина нафта. Москва нуди попусти од 30 до 35 долари, во споредба со сортата брент и друга нафта, што сега се тргува по околу 120 долари за барел.
– САД ја препознаваат потребата на Индија за прифатлива енергија, но се обидуваат да ги убедат сојузниците и партнерите да не го зголемуваат купувањето на руска енергија, изјави државниот секретар, Ентони Блинкен, по состанокот на министрите за надворешни работи и одбрана на САД и Индија во април.
Во меѓувреме, САД и нивните европски сојузници се вклучени во „исклучително активни“ дискусии за координирање на мерките, можеби за формирање картел, за да се обидат да стават плафон на цената на руската нафта, изјави министерката за финансии, Џенет Јелен, на состанокот на финансискиот комитет на Сенатот во вторникот.
Целта би била да се задржи руската нафта да тече на глобалниот пазар, за да се спречи понатамошно зголемување на цените на суровата нафта, што веќе пораснаа за 60 отсто годинава, додаде таа.
МИА/Фото: Унсплеш