На 6. ноември (понеделник), во камерната сала на Филхармонија, гитарскиот вуртуоз Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт, во организација на Баги Комуникации.
-Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцена. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Тој својата гитара (мандолина, саз, итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен.
Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор.
Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо, велат од таму.
Специјални гости на Мухамед на овој концерт ќе бидат Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.
Инаку Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата БЛА БЛА БЛА, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата.
Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година. Ова ќе биде втор негов солистички концерт оваа година, а веќе за следната година се бподготвува нов материјал и нови соработки.
Концертот ќе започне во 20 часот а влезници можат да се набават преку платформата www.bileti.mk.