еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Мукаетов за InStore: Само во изминативе 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот

Во интервју за InStore генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов, вели дека постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на Алкалоид, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој, кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра.

Ви пренесуваме дел од интервјуто:

Како Вие, лично, го доживувате развојниот пат на Алкалоид откако сте на позицијата генерален директор, а и лично Вашиот во рамките на компанијата? 

Мојот пат во Алкалоид го почнав на свои 25 години, во септември 1999, од базичните хиерархиски нивоа на компанијата, од каде што преку разни менаџерски позиции, во мај 2006 година бев назначен за генерален директор, а потоа и претседател на Управниот одбор.

Со доаѓањето на најодговорната позиција во еден голем систем како Алкалоид, со цврсто поставени принципи на корпоративно управување, настојував да внесам нова енергија согласно спецификите на модерните текови.

Во 2006 година пласманите на Алкалоид изнесуваа 57,7 милиони евра, а 2022 година ја завршивме со 231,9 милиони евра консолидирани продажби. Овој четирикратен пораст, во услови кога речиси секоја година била одбележана со некаков кризен предзнак, воопшто не беше лесен.

Но, историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа.

Алкалоид во моментов е компанија на над 2.700 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

Во изминатиот период реализиравте многубројни инвестиции, а меѓу нив беше и инвестицијата за производство на влажните марамчиња Becutan. Kолку инвестициите се поврзани со иновации и со развој на брендовите? Кои инвестиции/иновации може да се очекуваат до крајот на годинава?

Во изминативе три децении инвестициските активности на Алкалоид се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар.

Само во изминативе 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија.

Алкалоид има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре.

Во сегментот фармација, лидер по бројот на екстензии е нашиот бренд Proculin воведен во 1967 година, кој прерасна во комплетна линија за нега на очите не само во Македонија, туку и во регионот.

Во сегментот козметика неизбежно би го издвоил Becutan, кој речиси 5 децении ужива висок индекс на препознатливост во регионот, присутен на пазарите во близу 30 земји во светот. Неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика.

Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети.

До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот Алкалоид, достоинствено и посветено.

Целото интервју ОВДЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мукаетов за српски Профит: Продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“

(Видео) Мукаетов за Al Jazeera Balkans: Алкалоид за 17 години порасна за 4 и пол пати

Фото: Алкалоид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Идентификувани уште 11 учесници од „орото“ во Гевгелија

Редакција

Кина ги отвора границите за странски туристи за првпат по 2020 година

Редакција

Дирекцијата за заштита и спасување вработува седум лица, плата до 28.444 денари

Редакција