еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

На денешен ден во 1993 година почина академик Блаже Конески: Неговиот живот и дело, судбински се врзани и со раѓањето на македонска државност

На денешен ден, 7 декември, во 1993 година, почина академик Блаже Конески, чиј што живот и делото се судбински врзани и со раѓањето на македонска државност, велат од Владата.

Со неговата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, заедно со останатите македонски лингвисти, учествуваше во кодификацијата на македонскиот јазик донесена во спроведувањето на одлуката на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава.

Неколку месеци подоцна, во ноември 1944 година, Президиумот на АСНОМ назначи и Комисија за македонската азбука и за македонскиот правопис, и како член на двете комисии, Конески беше движечки учесник во овие процеси.

Иницираше и учествуваше во создавањето на темелите на нашата современа институционална меморија со својот придонес во основањето на Македонската академија на науките и уметностите, на катедрата на македонски јазик на филолошкиот факултет и на Институтот за македонски јазик, на Друштвото на писателите на Македонија.

Големината и историското значење на неговата работа на тој план во основата го има неговото темелно истражување и поврзување на корените на македонскиот јазик, неговите промени и зреење кое Конески го наоѓаше во старословенските извори запишани со глаголица или кирилично писмо, како и записите на преродбениците и културните дејци од првите децении на дваесеттиот век.

Годинава, кога ја чествуваме и 100-годишнината од раѓањето на Конески, не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик, ги чествуваме и неговото научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата, велат од Владата.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Повлечен списокот на лица предложени за помилување од Пендаровски

Редакција

МВР ги оцени изборите за мирни со незначителни неправилности

Редакција

(Фото) Листа на имиња на повредените во трагичната несреќа, скопјани се нудат за помош на нивните роднини

Редакција