еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

На компаниите им требаат 109 дена за наплата на побарувањата

Деновите потребни за наплата на побарувањата на компаниите се намалија од 122 дена во 2016 година, на 109 дена во 2017 година, а деновите потребни за исплата на краткорочните обврски се намалија од 178 дена во 2016 година на 164 дена во 2017 година, соопшти Народната банка во извештајот на фиансиска стабилност.

Малку поскромно намалување се забележува кај деновите на врзување на залихите (од 68 дена на 65 дена).

„Со подобрувањето на показателите за ефикасноста на средствата, во 2017 година се намали и должината на нето оперативниот циклус. Најголем удел во намалување на нето оперативниот циклус на домашниот корпоративен сектор имаат намалените денови на наплата на побарувањата. Просторот за толкување и квалитативна оценка на промените во показателите за управувањето со одделните категории средства сепак е ограничен, поради фактот што нивните движења, а посебно на тековните средства, се под големо влијание на избраните сметководствените политики на претпријатијата, а посебно со тоа дали презентираните сметководствени вредности навистина ја одразуваат објективната вредност на различните видови средства.

Ова е особено важно за признавање и вреднување на тековните средства, првенствено на залихите (доколку постои застареност) и на побарувањата (во врска со нивната ненаплатливост). Сепак, со оглед на релативно скромната висина на показателите за обрт, постои простор за нивно понатамошно зголемување, а со тоа и подобрување на процесот на управувањето со средствата од страна на деловните субјекти“, укажуваат од НБРМ.

Оттаму додваат дека оперативните нетековни средства во целост се покриени со долгорочни извори на финансирање.

„Како резултат на промените во насока на зголемување на обртот на различните категории на тековните средства и тековните обврски, трета година по ред, показателите за ликвидноста на домашниот корпоративен сектор бележат мало подобрување.

Сепак, показателите за ликвидноста сѐ уште се наоѓаат на релативно скромно ниво, со што подобрувањата на оперативните остварувања на домашните претпријатија, одразено преку подобрување на ефикасноста во управувањето со средствата, би требало директно да придонесат и за нивно понатамошно зголемување“, велат од НБРМ.

Во 2017 година, подобрувањето на показателите за ликвидноста беше најизразено кај субјектите со претежните дејности „индустрија“ и „информации и комуникации“, додека кај субјектите со претежни дејности „земјоделство, шумарство и рибарство“ и „дејности во врска со недвижен имот; стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности“, показателите за ликвидноста во 2017 година бележат намалување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уште едно лице од Куманово почина од корона вирусот

Редакција

Истакнатиот американски економист Кругман очекува инспиративна дискусија на Економскиот финансиски форум во Скопје

Редакција

Награда од 20 отсто од платата за здравствените работници кои два месеци беа најизложени на корона вирусот

Редакција