Со околу 4.600 војници од осум држави – Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција од денеска на армискиот полигон Криволак започнува „Брз одговор 22“, најголемата воена вежба што се реализира во земјава.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска на вчерашниот брифинг рече дека за Министерството за одбрана (МО) и за Армијата е голема чест што се домаќини на ваква вежба.
Таа изрази убедување дека припадниците на македонската Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат.
– Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на македонската Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО.
Второ, што е исто така значајно за нашата држава – ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак, потенцира Петровска, додавајќи оти Криволак е сериозен тренинг центар, на кој сите членки на Алијансата ќе ги користат нејзините поволности.
На спортскиот аеродром Стенковец, пак, на 8 мај – недела во период од 10 до 16 часот, се организира отворен ден за граѓаните, каде ќе бидат изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хелкоптери. Ќе бидат изложени воздухопловите на Армијата и МВР.
На 12 мај ќе биде отворениот Ден за високи гости.
МИА/Фото: АРМ