еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Најмалку штеделе во здравство, МНР и одбрана: Државните институции во септември заштедиле вкупно 20% струја

Владата, судовите, Собранието, претседателот на државата, ЕСМ и МЕПСО во септември годинава вкупно заштедиле 20 отсто струја во однос на истиот месец лани.

Според анализата што денеска ја презентира министерот за економија Крешник Бектеши, доколку се земат предвид податоците од потрошувачката само на административните згради на министерствата, претседателот на државата, Собранието, Владата, АД ЕСМ и АД МЕПСО заштедата на струја изнесува 25 отсто.

Притоа, шест субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15 отсто согласно задолженијата, додека останатите субјекти имаат остварено заштеди од 15 -73 отсто, повеќето од 25 до 35 проценти.

Единствено, како што рече Бектеши, административната зграда на Министерството за локална самоуправа има зголемена потрошувачка на енергија за 81 процент, а најголема заштеда е направена во административната зграда на АД ЕСМ од 75 отсто.

-Согласно податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25 отсто, кај МВР 21 отсто, кај Министерството за култура 40 отсто, Министерството за образование 35 отсто, Министерството за политички систем 22 отсто, Министерството за транспорт и врски 30 отсто, Министерството за труд и социјална политика 36 проценти, Министерство за финансии 32 отсто, а Министерство за економија 30 проценти, рече Бектеши.

Како што истакна Бектеши, најмала заштеда е направена во административната зграда на Министерството за здравство од два отсто, по што следуваат Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана со по осум проценти заштеда.

Според анализата, Собранието заштедило 29 отсто од потрошувачката на електрична енергија, додека кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17 проценти.

-Овие податоци покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме непотребно електрична енергија, може да се направат големи заштеди. Доколку сите дадеме максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, секој со свој личен влог може да помогне полесно и со најмали можни последици да се справиме со оваа енергетска криза, рече Бектеши.

Тој апелира дека состојбата во енергетскиот сектор, не само во Македонија, туку и во цела Европа, не е шега и секој степен помалку, како што нагласи, е заштеда од околу пет отсто на енергенсите.

-Грејната сезона почна и треба сите ние во наредниот период малку да се фокусираме на штедење и на начините како да го направиме тоа. Една мала промена на секојдневните навики може да направи голема разлика, порача Бектеши.

Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена односно цената на HUPX + 20 отсто.

Најголем број субјекти кои се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта, по што следат министерствата и здравствените установи.

Министерството за економија до Владата достави сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за безбедна зима. Овие мерки почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто на месечно ниво, почнувајќи од 1 септември 2022 заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Државните претпријатија во септември заштедиле 8% струја, ЈП Водостопанство со поголема потрошувачка од претходната година

Арачиново со најголема потрошувачка: Општините во септември заштедиле 29% струја

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Како изгледа околината на езерото Младост ден по големиот пожар кај Велес

Редакција

Кривична за возачот на министерот Бесими

Редакција

Нови промени во банкарскиот сектор: Охридска ќе се присоедини кон Шпаркасе банка

Редакција