Прво добредојде по патот кон Галичник се стадата овци. Порано на Галичник имало најголем број на овци по метар квадратен во Европа. Но сега, за жал тоа е променето и овците се повеќе се продаваат, бидејќи нема овчари кои сакаат да ги чуваат. Како што велат галичани, овчарите едноставно ќе исчезнат и ќе ги остават овците и затоа, нивниот број е намален.
До 70-те години на минатиот век, во Галичник се наоѓала најголемата фабрика за производство на волна, но по нејзиното затворање и селото почнало да пропаѓа.
Она што е најубаво од Галичник секако се сирењето, кашкавалот, киселото млеко. Тој вкус, го нема никаде на друго место.
„Тајната на галичкото сирење е пашата, според кажувањата на старите галичани има преку 40 различни цвета во тревата што овците ја пасар и во тоа е и тајната односно масноста на сирењето која е најбитна. Планината е голема и питома, постоењето на тие минимум 40 билки си го прави своето, сирењето да го прават такво какво што е“, ни раскажа галичанецот Александар Филиповски.
Најубавото сирење излегува после септември, бидејќи млекото од кое се произведува ги содржи состојките на летната паша полна со цветови.
Според познавачите, не е исто хранењето на овците во зима, кога тие се носат во потоплите краишта на југ и на лето, кога го земаат и даваат најубавото од планината.
Мора да сме направиле големи добрини во животот, што имавме среќа сирење да вкусиме директно од бачило, послужено за добредојде на најдобар топол можен начин.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ