еМагазин
Image default
Бизнис

Над 281.000 граѓани имаат животно осигурување, вложиле осум милиони евра за три месеци

Нови 20.000 граѓани го осигурале животот во првите три месеци годинава со што вкупниот број на граѓани кои имаат животно осигурување надмина 281.000. Тоа е за 8 отсто повеќе осигурени лица во споредба со крајот на претходната година. Во првите три месеци во осигурување живот граѓаните вложија 494 милиони денари (8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најбројни се вложувањата во таканареченото ризико – осигурување. Повеќе од 220.000 граѓани имаат ризико осигурување и тоа е за речиси 20.000 осигуреници повеќе во споредба со крајот на 2021 година.

Овој продукт вклучува осигурувањето на животот на осигуреникот и во случај на негова смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија.

Осигурување живот со штедна компонента, на крајот на март годинава, имаат 50.000 граѓани. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со одредена камата.

До крајот на март годинава околу 11.000 граѓани имаат животно осигурување популарно наречено „јунит линкд осигурување“. Кај оваа класа дел од парите уплатени за осигурување живот се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал.

Токму заради тоа што вредноста на овие вложувања зависи од берзите ризикот од вложувањето во овој производ го превзема осигуреникот. Тоа значи дека на истекот на периодот на кој е склучен договорот за осигурување износот на парите што треба да ги добие осигуреникот ќе зависи од пазарните (т.е. берзанските) цени на уделите на инвестициските фондови во кои биле вложувани парите од животното осигурување.

Повеќе за овој осигурителен производ може да прочитате на следниот линк: aso.mk.

Од вкупните вложувања во животно осигурување во првите три месеци, 387 милиони денари (6,3 милиони евра) се вложувања во класичните осигурителни производи: ризико и осигурување со штедна компонента. Вложувањата во „јунит линкд“ осигурување за овој период достигнаа 107 милиони денари (1,7 милиони евра).

Петте компании за осигурување живот во првите три месеци годинава исплатиле вкупно 180 милиони денари (2,9 милиони евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на случена смрт.

Минатата година беше рекордна од аспект на вкупните вложувања во осигурување живот кои надминаа 2 милијарди денари (32,5 милиони евра).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови директори на Државниот комунален инспекторат и Дирекцијата за радијациона безбедност

Редакција

„Интерпромет“ ја зголеми добивката

Редакција

Македонската берза им изрече јавна опомена на четири компании

Редакција