еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 3%

На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари.

На оваа седница беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,5 п.п., на нивоата од 0,90% и 0,95%, соодветно.

„При носењето на одлуката беа земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени би придонесле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи,“ велат од Народна банка и додаваат дека промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во поставеноста на ЕЦБ.

„Домашниот девизен пазар бележи стабилизација и во изминатиот период, при умерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка и натаму откупува девизи што придонесе за натамошен раст на девизните резерви,“ се вели во соопштението.

Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година БДП оствари реален раст од 2,8% на годишна основа, што е целосно во согласност со очекувањата според последните проекции, односно според априлските проекции Народната банка очекуваше раст од 2,8%.

„Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал се ограничени, но поради постојаните надолни ревизии на странската побарувачка предизвикани од воениот конфликт во Украина и сè подлабоката енергетска криза, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период,“ се вели во соопштението.

Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а пред сè врз снабдувањето со енергија во рамките на Европа.

Не треба да се занемарат неизвесноста и ризиците од пандемијата на Ковид-19, којашто сѐ уште не е завршена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет највисоки просечни плати: Програмерите со 62.818 денари убедливо на врвот

Редакција

Продаден блок акции од Комерцијална банка за 34.000 евра

Редакција

Туск до Пендаровски: Не сите земји членки на ЕУ се подготвени за одлука за датум наредните денови

Редакција