еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка: Инфлацијата во јануари била 6,7%, намалување во втората половина од годинава

Макроекономските показатели се во согласност со очекувањата, но состојбата треба будно да се следи поради неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата и актуелните геополитички тензии и нивните ефекти врз глобалниот раст на цените, смета Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Во денешното соопштение, Народната банка наведува дека ФЕД и ЕЦД како централни банки кои значително делуваат врз глобалните пазари, упатуваат на можно побрзо затегнување на глобалните финансиски услови од досега очекуваното.

– Народната банка, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите, ризиците и промените на глобалните услови и натаму е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум, се наведува во соопштението.

Основната каматна стапка засега останува на истото ниво од 1,25 проценти, а на аукцијата на благајнички записи е одлучено да бидат понудени благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Девизните резерви, според проценките на Комитетот, се во сигурна зона, а остварувањата во јануари се во рамки на очекувањата за првиот квартал од годинава.

– Во однос на факторите коишто влијаат на девизните резерви, податоците за менувачкиот пазар за јануари 2022 година не отстапуваат значително од октомвриската проекција, а покажуваат понатамошен годишен раст на нето-откупот на девизи.

Податоците за надворешно-трговската размена за четвртото тримесечје од 2021 година упатуваат на малку повисок остварен трговски дефицит во однос на очекувањата според октомвриската проекција, информира Народната банка.

Во јануари е остварена годишна стапка на инфлација од 6,7 проценти, а забрзувањето е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи.

-Остварената инфлација е над проекцијата, а очекувањата за идната динамика на увозните цени е коригирана во нагорна насока, со што ризиците за проекцијата на инфлацијата на краток рок се нагорни.

Сепак, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци.

Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии, се вели во соопштението.

Во однос на движењата во реалната економија, во просек, во првите три квартали од минатата година, економијата бележи реален раст од 4,6 проценти, што е блиску до очекувањата на Народната банка од октомвриската проекција.

– Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал на 2021 година главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност, но забавен во однос на претходните два квартала.

Податоците за овој период покажуваат високи, но поумерени годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството и забавување на падот кај индустриското производство, а кај извршените градежни работи во периодот октомври ‒ ноември се забележува натамошен годишен пад, велат од Народната банка.

Според првичните податоци за јануари годинава, солидниот раст на депозитите и кредитите продолжува, но посилно во однос на проекциите за првиот квартал на 2022 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хезболах повика на одмазада по нападот на болницата во Газа: Денеска да биде „Ден на гневот“

Редакција

Од куќен притвор, Боки 13 спроведен во затворот во Идризово

Редакција

УЈП вработува 100 службеници

Редакција