еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка повторно ги зголеми каматните стапки

На вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банкаКомитетот било одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 6%.

-На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90% и 3,95%, соодветно.

Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на  каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.

Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем, велат од НБ.

Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се главно во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму постојат, посочуваат од таму.

Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на мај е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

-Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на мај беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција.

Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со мај, упатуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи кај приватните трансфери во однос на проектираните.

Што се однесува до домашната економска активност, во првиот квартал од 2023 година реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) забрза достигнувајќи 2,1% на годишна основа (по растот од 0,6% во претходниот квартал), малку посилно во однос на проектираното забрзување на растот за овој квартал од априлскиот циклус проекции.

Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал, велат од таму.

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за мај 2023 година засега се во согласност со проекциите за забрзан раст кај депозитите, а поумерен кај кредитите во вториот квартал од годината.

-Општо земено, инфлациските остварувања, во комбинација со неизвесното и променливо надворешно окружување и ризиците коишто сѐ уште постојат, налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики и соодветна реакција со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се стабилизира инфлацијата на подолготрајна основа.

Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, велат од НБ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Народна банка: Инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трифун Костовски: Кривичните пријави се на иницијатива на „човекот со чисти раце“, гласноговорникот во името на Зоран Заев

Редакција

Станови, дуќани, земјиште: Проверете што се се продава на Регистарот на одземен имот

Редакција

Во Зрновци се роди првото бебе во 2023, петта рожба во семејството Атанасови

Редакција