Со почетокот на вакцинацијата за заштита од Ковид-19 се зголеми оптимизмот кај економските субјекти во однос на очекувањата за глобалниот раст на среден рок. Сепак, и понатаму постои високата неизвесност, како и ризици поврзани со развојот на пандемијата и нејзиното времетраење, соопшти Народната банка.
„Во однос на економската активност во четвртиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври-ноември 2020 година, општо земено, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, а во споредба со претходниот квартал движењата во домашната економија се поповолни“, велат од НБМ.
Оттаму доаваат дека стапката на инфлација во домашната економија во 2020 година се задржа на ниско и стабилно ниво од 1,2% што е речиси во целост согласно со нашите проекции.
„Девизните резерви во 2020 година остварија раст и се за околу 100 милиони евра повисоки од нашите проекции, одржувајќи се во сигурната зона.
Натамошен солиден годишен раст на вкупните депозити и вкупните кредити во 2020 година. Кредитната активност е во рамки на очекувањата, додека кај депозитите се оценува надминување на проекцијата.
Согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходните оцени“, соопшти Народната банка.