еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Насилство трпат и жени кои оставаат впечаток дека ништо не им недостасува, вели Ацевска од Кризен центар „Надеж“

„Насилството започна пред 17 години откако го родив првото дете. Прво почна со навреди и омаловажувања, ама после почна и одвреме на време да ми удира по некоја шлаканица ама се си викав ништо не е, нервозен е ќе му помине.

Кога решив дека сакам да ставам крај, почнав да читам за семејното насилство и сфатив дека сум трпела и економско. Пред да се земеме јас работев по струка и бев финансиски независна, но отпосле почна да не ми дава да работам.

Прво мислев не сака да се мачам, дека се грижи за мене, тој зимаше стварно убава плата. Касно разбрав дека сакал да ме направи зависна од него за никогаш да не си отидам.“

Ова, во разговор за „еМагазин“ го откри жртва на семејно насилство, чиј што идентитет е познат на редакцијата, но од безбедносни причини, ќе остане сокриен.

Семејното насилство е постојан проблем во Македонија, а тоа го покажува и последниот Извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент.

Во него се наведува дека од јануари до јуни во 2022 година, Министерството за труд регистрирало 662 преживеани од семејно насилство, од кои 463 се жени, а 83 деца.

Психичкото, е најчест облик на насилство врз жените

Претседателката на Здружението на граѓани за заштита на жртви од семејно насилство, Кризен центар „Надеж“, Маја Ацевска во разговор за „еМагазин“ вели дека лани имале 514 повици, а згрижиле 81 лице.

„Сите приказни се различни, но најчест облик е психичкото насилство она што тешко се докажува. Жртвите тешко можат да се изборат со институициите и со целиот систем, затоа што се бараат докази.Тоа често пати е проблем, затоа што и жените се обесхрабруваат за да дојдат до решение, затоа што доаѓаат до пречки бидејќи не можат да докажат.

Каков доказ можеш да приложиш во полиција, ако трпиш психичко насилсто или економско, додека физичкото и сексуалното имаат траги.Но постојат можности. За психичко насилство може да се појде на психијатар и тој ќе направи проценка, ќе се даде наод, дека има проблем. Но пак ќе кажам дека е потежок процесот за откривање и докажување кога се работи за психичко и економско насилство,“ вели Ацевска.

Таа додава дека со психичко насилство се соочуваат и жени кои се добро ситуирани, кои добро заработуваат, докажани професионалки во своите области, кои однадвор изгледаат дека е се во најдобар ред. Знаци на психичко насилство се закани, следење, демнење, забрана на користење на телефон, навреди, омаловажувања, кога расправиите прераснуваат во големи размери.

„Сме имале кориснички кои имале сопствено живеалиште, сторителот живее во нивното живеалиште и врши насилство врз нив. Имавме случаи кога жени во такви ситуации не сакале да го избркаат сторителот или не знаеле како. Жените сме погрижливи, па често велиме, како ќе го избркам каде ќе оди,“ додава Ацевска.

Препораките кои тие ги даваат кон жртвите на насилство, е сторителот да се пријави во институциите, како што им е и слоганот на Керизниот центар „Надеж“ – „не молчи, пријави“.

„Ние сме тие кои што, доколку жртвата не е во можност да пријави, ние пријавуване во нејзино име. По барање на жртвата можеме да направиме допис, односно известување до Центрите за социјална работа, полиција, доколку таа самата не е во можност да го направи истото.

Но сме имале и случаи кога сме испратиле известување до Центарот за социјална работа, стручните лица од Центарот излегуваат на терен да направат увид на лице место и жртвата, најчесто во присуство на насилникот, негира дека се случува нешто и дека има некаков проблем во семејството. Во тој случај, институцијата нема моќ нешто да направи,“ додава Ацевска.

Економско насилство пак не трпат само жените кои се во незавидна финансиска положба и се зависни од партнерот, туку и вработени жени. Насилниците, објаснува Ацевска им ги земаат парите кои ги заработуваат, подигаат кредити во нивно име, ги оптоваруваат со дополнителни плаќања. Има различни ситуации во кои и вработени жени се соочуваат со такво насилство.

Има случаи кога во полиција им рекле „ајде врати се, ништо не ти е“

Кризен центар „Надеж“ има шелтер кој згрижува жртви од 24 до 48 часа, во кризна ситуација, кога жртвата нема каде да оди, кога е во безизлена ситуација.

„Во државата има осум шелтри за долгорочно згрижување, од три до шест месеци со можност за продолжување до една година. Во тој период, институциите работат на проблемот на жртвата односно дали треба да се изречат мерки за заштита, дали треба да се најде работа, Центарот за социјална работа им помага за наоѓање на живеалиште, за да можат да се сместат откако ќе излезат од шелтрите. Според Истанбулската конвенција, насилникот треба да биде отстранет од местото на живеење а не оној кој трпи насилство, но тоа кај нас ретко се случува. Мајката со децата, најчесто се тргнати на страна,“ објаснува Ацевска.

Таа додава дека оттука, многу е важно насилството да се пријави, за бројките да ја отсликуваат реалната ситуација. Според Истанбулската конвенција, за сместување на жена заедно со децата, треба да има едно засолниште на 10.000 жители, еден Кризен центар за жртви на сексуално насилство на 200.000 жители и еден Центар за психолошко советување достапен на секои 50.000 жители.

„Мала е бројката на пријави до МВР и судски предмети, наспроти реалната ситуација на терен. Многу жени трпат, но не пријавуваат. Затоа, нашата цел е тие случаи да станат видливи, да се охрабрат да пријават. Кога ќе се пријави и кога ќе постои евиденција дека има случаи тогаш станува реална и потребата од шелтри, психолошки советувалишта, советувалишта за сторители.

Многу од жените не знаат каква заштита може да добијат. Работиме на едукација, и преку едукативни настани се обидуваме да објасниме дека системски заштита постои, имаме Закон за спречување на насилство врз жените, ја имаме Истанбулската конвенција, меѓународни документи,“ додава таа.

Недовербата кон инстутуциите дека нешто можат да сторат, е голема причина, зошто жените не го пријавуваат насилството.

„Има жени кои се соочиле со насилство, отишле да пријават во полиција и од таму им рекле „ајде ништо не ти е, врати се назад“. Дури ни записник не направиле, а камоли кривична пријава. Таквиот пристап ги обесхрабрува, дека институциите можат да направат нешто.

Многу е потребна едукација на службениците во МВР како и во Центрите за социјална работа, иако тие имаат често такви обуки, но обуки во смисла на препознавање на насилството, како да се реагира. Најчесто се потребни обуки на оние службеници кои први ја примаат пријавата,“ додава Ацевска.

Кризниот центар „Надеж“ работи на подигање на свесноста уште од 2001 година, но се уште постои неиформираност.

„Денес во однос на почетоците, многу повеќе е крената свеста. Кризниот центар работи веќе 22 години, на почетоците терминот семејно насилство беше непознат. 15 години чекавме за да го добиеме првиот закон. На хартија има се што ни треба, има закони, се што е потребно за да се решаваат случаите на семејно насилство.

Ние можеби сме лути на институциите, но и тие имаат недостаток на персонал. Работат неколку тимови кои не можат да постигнат. Законски, кога ќе се пријави насилство тие имаат 12 часа да соберат податоци, да започнат постапка за решавање на проблеми, а немаат доволно луѓе. Потребно е да се зголеми бројот на стручни лица кои работат во оваа област и едукација на оние првите кои ги примаат пријавите за семејно насилство,“ додава Ацевска.

Општиот впечаток е дека агресијата во општеството царува на секое ниво, се зголемува насилството, а она што загрижува е што во подем е врсничкото насилство. Оттука, неопходна е едукација уште од најмала возраст, за да се препознае насилство како дома така и во училиште.

„Кога сме згрижиле жени со дечиња и кога сме разговарале со нив, зошто останале и трпеле насилство во брак 20 или 30 години, ни одговориле заради децата. Попаметно и побезбедно е децата да се тргнат од таа средина за да израснат во здрави личности и да не се сведоци на насилството. Се создаваат трауми и тие се секундарни жртви,“ вели Ацевска и додава дека не се само жените туку има и мажи кои трпат насилство од своите партнерки.

СОС линијата 15 315 на Кризниот центар „Надеж“ е 24 часа достапна за жртвите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Насилниците ја губат силата кога гледаат дека има кој да ви помогне, вели жртва на семејно насилство

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во јули годишен раст од 11,1% на депозитите и од 5,8% на кредитите

Редакција

Каков имот пријавил Драги Стојаноски, новиот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство

Редакција

Што пишува во биографијата на Бујар Османи, новиот министер за надворешни работи

Редакција