НАТО активно ни помага и во делот на хибридни закани, но и во делот на заканите од тероризам, пред се поврзани со повратниците од војните на Блискиот Исток, истакна претседателот Стево Пендаровски при денешното годишно обраќање во Собранието.
– Без да изнесувам детали, но, по добиени податоци од НАТО, во најмалку три наврати, изминативе години беа пресретнати терористички напади и тоа уште во подготвителните фази кои се одвиваа надвор од нашата територија, изјави Пендаровски.
Осврнувајќи се на коментарите од 2018 година дека за нашето членство во НАТО сме платиле превисока цена, шефот на државата рече дека требало да се случи големата трагедија во Украина, за да се увериме дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме, како што некои стравуваа.
– Војната ги разбуди и институциите во Брисел, ја раздвижи дебатата за иднината на Европа и ги реактивираше процесите кои беа практично замрзнати последниве години. Идејата за геополитичка Европа започна да добива некаква првична форма, а според реториката на Брисел, Западниот Балкан е нејзин дел.
Од оваа говорница сакам да упатам повик до Европската Унија дека очекуваме новиот фокус кон регионот да не биде само епизода предизвикана од војната во Украина, која ќе трае додека Украина е во фокусот.
За одржување на кредибилноста на интегративниот процес, Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка, потенцираше претседателот на Републиката.
Тој наведе дека по нашиот влез во НАТО станавме цел на интензивни и организирани пропагандни кампањи за дезинформирање на јавноста во однос на виталните прашања и дилеми.
– Дезинформациите од држави и ентитети кои не ни мислат добро, систематски ги манипулираат граѓаните со пласирање на погрешни информации, полувистини или комплетно фабрикувани вести за да им послужат на интересите на центри на моќ чии интереси се спротивни на нашите национални интереси, посочи Пендаровски.
Тој истакна дека антизападната реторика во традиционалните и во социјалните медиуми добива на интензитет и преку неа, како што рече, популистите ги манипулираат луѓето дека имаат брзи и едноставни решенија и за најсложените проблеми, кои наводно демократските системи не можат да ги имплементираат затоа што се бавни, скапи и корумпирани.
Пендаровски потенцираше дека зајакнувањето на отпорноста кон дезинформациите е комплексна задача, затоа што е потребна и системска и лична отпорност кон нив, а тоа не е можно без блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.
– Во овој контекст е круцијално уште во основното и средно образование да ја развиваме медиумската писменост кај младите луѓе кои ќе научат да ги препознаваат лагите и да формираат мислење врз основа на факти. Така најлесно ќе ја препознаваат и демагогијата на автократите дека за решавање и на најтешките проблеми треба само дисциплина и цврста рака, нагласи Пендаровски.
Претседателот наведе дека во скорешната историја и во регионот и во Европа имаме доволно трагични примери на народи, кои и ден денес се справуваат со последиците од деструкцијата која им ја донесоа годините на национален занес и безусловна верба во таквите лидери.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Влада